Димитриевски бара извинување и поддршка за расчистување на случајот до крај

04.06.2020 19:49 | KumanovoNews

 По отфрлањето на кривичната пријава против градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски и раководителот на Центарот за управување со кризи од Куманово, Горан Стојановски, за сторено кривично дело Непостапување според здравствените прописи од член 206 став 1 од Кривичниот законик, Димитриевски на Фејсбук објави дека „вистината за овој монтиран случај излегла на виделина“ и ја повика СДСМ да му се извини.

Димитриевски бара извинување и поддршка за расчистување на случајот до крај

„Ќе ги преземам сите активности предвидени со закон да се лоцираат одговорните лица во постапката кои од нив познати мотиви ги злоупотребија сопствените службени овластувања и креираа случај за наводно сторено кривично дело кое имаше за цел јавно да ме девалвира и дискредитира и да ја искриви вистината. За жал, оваа не е прв случај во кој МВР и други државни институции се користат за политички пресметки, вршење на притисок и раскусурувања со неистомисленици, такви случаи имало и во минатото. Во минатото, во неколку наврати бев предмет на оградување и прозван од раководството на мојата партија СДСМ, несакајќи да нарушам ничиј авторитет и да наштетам на сопствената партија тогаш премолчав но верував во вистината. Тие избрзани и несреќни изјави се минато но, најмалку што очекувам е извинување и поддршка за расчистување на случајот до крај“, објави Димитриевски.

Тој вели дека верува во институциите и професионалците во системот, нема да се обесхрабри туку дополнително ќе се мотивира во борбата за вистината и правдата.

Димитриевски беше потврден за позитивeн на коронавирус на 16 април, заедно со уште 40 кумановци,  меѓу кои и петмина члeнови на Општинскиот штаб за заштита и спасување. Еден ден пред тоа се одржа проширена седница на штабот на која присуствуваше премиерот Оливер Спасовски и тројца министри, поради што тие мораа во самоизолација.

Кривичната пријава беше поднесена на 24 април 2020 против Димитриевски и Стојановски, со наводи дека за време на епидемија на опасната заразна болест постапиле спротивно на здравствените прописи, па откако претходно биле тестирани и им било дијагностицирано присуство на вирусот КОВИД-19 и добиле и решенија за задолжително домашно лекување и изолација, се тестирале во три приватни лабаратории во Скопје, иако не смееле да го напуштаат просторот каде биле сместени.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk