Димитриевски ќе го врати орденот на Каракачанов, поради неговите омаловажувачки изјави

27.10.2020 10:52 | KumanovoNews

 Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски ќе го врати орденот и ќе му испрати протестно писмо на  министерот за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, поради неговите омаловажувачки изјави кои не водат кон добри меѓусоседски односи.

Димитриевски ќе го врати орденот на Каракачанов, поради неговите омаловажувачки изјави

Димитриевски на Фејсбук напиша дека орденот го добил пред две години, по повод 100 годишнината од Првата Светска Војна.

- Овој орден ми го врачија по повод заедничкото чествување на 22.10.2017 година на битката на Страцин каде во октомври 1944 година партизанските единици од НОБ, кумановската дивизија и бугарската армија водат борби со германските војски кои ја штитеа одстапницата на германската армија во овој дел на Македонија, датум и жртви вредни за заедничко чествување и почит. Ако разговараме за помирување и смирување на односите, заедничко чествување на настани кои не обединуваат како народи недозволиво е во 21 век да има претставници во Влада на земја членка на ЕУ со изјави кои се со заканувачки и омаловажувачки карактер по националниот идентитет на соседите. Нема да дозволиме да се поминат црвените национални граници, особено кога тука, по однос на ова прашање имаме национален консензус и поддршка од сите етнички заедници. Никој нема право да го оспорува нашиот идентитет и наместо да се гледаме во историјата, потребно е да се насочиме кон иднината, - напиша Димитриевски.

Тој напоменува дека неговиот гест е личен и директно насочен кон популизмот и двојниот пристап на Каракачанов, а не кон граѓаните на Бугарија или нејзините одбранбени сили, кои ги смета за пријателски и братски народ на македонскиот.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk