Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски не сака да ја коментира одлуката на Уставниот суд за укинување на суспензијата на ДУП-от кај „Школска амбуланта“ во Куманово, додека официјално не го добие решението.
„Не сум го видел тоа решение и не можам да коментирам додека не ми биде доставено. Во минатото веќе неколку пати коментирав на ова тема и мислам дека е добро познат мојот став“, кратко одговори Димитриевски на Кумановоњуз.
Последната изјава на Димитриевски за овој случај беше пред десетина дена пред Основниот суд во Куманово, на почетокот на судењето по кривични пријави од сопственици на засегнатите кумановски фирми, за злоупотреба на службена положба и овластување, бидејќи не го потпишал решението за градба и пресметката за надомест за уредување на градежно земјиште.
Димитриевски тогаш кажа дека обвинението е монтирано со цел да му се наруши угледот и да се дискредитира пред изборите.
„Нити сум спречил, ниту имам намера да спречам спротивно на закон некој да гради згради, висококатници, но кога се работи за интерес на училишта или здравствен објект, тоа е јавен интерес и јас сум должен да го штитам. Оваа фарса е во контекст на изборите. Во континуитет се случуваат вакви нарачки од носители на високи политички функции на власта, или во конкретниот случај луѓе од високи позиции на СДСМ кои ги злоупотребуваат институциите на системот“, истакна тогаш Димитриевски.
Тогаш сопствениците му порачаа да не глуми жртва и да се става над законот, а денеска од СДСМ го побараа градоначалникот и советниците кои гласаа за суспензијата на ДУП-от кај „Школска амбуланта“ со свои средства да ја надоместат направената штета, а не да се плаќа од буџетот на Општина Куманово.
Уставниот суд пред два дена ја укина Одлуката за суспензија од примена на Детален урбанистички план во Куманово, бидејќи оценил дека има повреда на начелото на владеењето на правото и донесена е спротивно на Законот за урбанистичко планирање.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk