Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, сака да постави спомен обележја на сите пријатели на Куманово, а не само на приватната американска фирма „Келог, Браун и Рут“ (КБР), која ги води кумановци во Ирак и Авганистан, како што најави завчера.
По жестоките реакции во јавноста, вчера до медиумите беше доставено дообјаснувањето од кабинетот на градоначалникот во кое се наведува дека идејата на Општина Куманово и на градоначалник била да направат „Парк на пријатели на Куманово“ во кој ќе се постават повеќе споменици.
„Во интерес на озеленување на градскиот централен регион и создавање на пријатно место за одмор и релаксација на граѓаните, во паркот ќе има фонтана, а покрај неа спомен постамент на која ќе се постават спомен плочи за благодарност на сите правни и физички лица кои направиле значајни работи за граѓаните, во која било сфера од животот на нашата Општина“, - стои во соопштението од кабинетот на Димитриевски.
Листата на пријатели ќе ја правеле заедно со советниците, кои треба да ја донесат одлуката.
Градоначалникот завчера на седница на Совет изјави дека американската компанија КБР има инкасирано во градскиот буџет повеќе од една милијарда евра, како најголем работодавач на граѓаните на Куманово, поради што локалната власт планира да и се оддолжи на 500-годишнината од настанувањето на градот, со поставување на спомен обележје кај затворениот базен.
„Знаете дека има голем број на наши сограѓани кои работат за таа компанија и нашиот град може да излезе со еден добар позитивен гест и да постави спомен обележје во рамки на едно убаво идејно решение“, изјави Димитриевски.
Изјавата на градоначалникот наиде на голема осуда кај граѓаните, кои сметаат дека Општината има многу поголеми проблеми кои треба да се решаваат, а не да се фрлаат пари за споменици како што тоа го правеше предходната власт.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk