Див паркинг зад Центарот за култура

14.12.2023 15:28 | Сузана Николиќ

Просторот кој се наоѓа зад Центарот за култура секојдневно се користи како паркиралиште на десетина возила, кои сопствениците ги оставаат тука за да избегнат да платат паркинг место во гаражата која е покрај него. 

Див паркинг зад Центарот за култура

Граѓаните реагираат и бараат од надлежните да ја санкционираа оваа појава, а ваквото паркирање им пречи и на  вработените во институцијата

Од Центарот за култура велат дека просторот каде што се наоѓа дивиот паркинг не е во нивно владение ниту на Министерството за култура, туку се работи за јавна прометна површина, и затоа сите надлежности во однос на нејзиното одржување го има Општина Куманово.

„Ние писмено се oбративме до ЈП „Куманово-паркинг“ да ги отстранат возилата, но тие ни одговорија дека за таа локација е надлежна Општина Куманово, тие немаат ингеренции да дејствуваат. Ги прашавме во општината што ќе преземат, тие ни рекоа дека во план е реконструкција на дел плоштадот и затоа ќе почекаат партерно да го уредат,“ вели Сашо Тодоровски, директор на Центарот за култура.
  
Од ЈП „Куманово-паркинг“ во одговорот навеле дека и тие се засегнати од проблемот и чекаат решение.

Во Куманово секоја слободна јавна површина, споредните улички и тротоарите се узурпирани од несовесни возачи, поради што граѓаните бараат од надлежните општински и полициски служби да реагираат и да воведат ред заради безбедно движење на пешаците.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk