Домашни и странски уметници творат во Пелинце

19.08.2015 14:27 | KumanovoNews

Уметници од Македoнија, Србија и Романија творат во Меморијалниот центар во Пелинце, во рамки на 41-та по ред ликовна колонија “Куманово“, која ја организира општината со  Кумановскиот музеј.

Домашни и странски уметници творат во Пелинце

Дел од уметниците веќе пристигнале, а останатите ќе им се придружат на своите колеги деновиве, по што сите ќе творат до 28 август. Градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски вели дека со мали прекини, колонијата има традиција од скоро половина век и по неа градот е препознатлив, како расадник на ликовни уметници.

Низ овој простор поминале врвни ликовни уметници и благодарение на врвното творештво, ова е една од најбрендираните ликовни колонии во Република Македонија. Потоа се формираат низа на колонии, меѓутоа оваа колонија останува како највисоко име во македонското ликовно творештво. Јас многу пати зборувам дека потеклото на модерното македонско сликарство точно од овие краеви е , од овој регион. На гостите сакам да им посакам пријатен престој и многу добра творечка работа - вели Дамјановски.

За денот на градот во ноември делата од колонијата ќе бидат изложени.

Ќе работат во класичните ликовни дисциплини на сликарството и скулптурата, кои секако се вклопуваат по својата тематика во сите постмодерни правци. Ние како заеднички организатори со општината, не само што го негуваме овој продуктивен пристап, туку им посакуваме да споделат убави моменти, знаења, дел од својата култура - рече Драгана Спасковска од  Уметничка галерија Куманово.

Виктор Божурски од Фондацијата за култура и спорт, кажа дека уметниците ќе го посетат Тамбурашкиот фестивал и потенцираше дека дел од учесниците се од збратимените градови.

Околината апсолутно е фантастична, многу зеленило, и колегите се многу пријателски расположени и персоналот. Локацијата е неверојатна и имам прекрасни чувства. Сликаме надвор бидејќи не инспирира. Ќе сликаме некои традиционални теми од нашите земји и некои македонски специфики - вели Амалиа Суручана, уметник од Романија.

Скулпторот Александар Јанев од Гевгелија прв пат учествува на колонијата и вели дека просторот е идеален за уживање во природа и изработка на скулптури.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk