Драган Чунгурски е назначен за в.д. директор на ЈП за регионално управување со отпад „Еко Исток - Североисток“

30.10.2023 07:04 | Сузана Николиќ

Министерството за животната средина и просторно планирање го назначи Драган Чунгурски од Куманово за в.д. директор на Јавното претпријатие за регионално управување со отпад „Еко Исток-Североисток“. 

Драган Чунгурски е назначен за в.д. директор на ЈП за регионално управување со отпад „Еко Исток - Североисток“

Назначувањето е на предлог на министерот, бидејќи на градоначалникот на Свети Николе му се одземени ингеренциите. Претседател на Управниот одбор е Гордица Бошковска.

Чунгурски работеше во Секторот за комунални работи и заштита животна средина во Општина Куманово, а со години наназад е ангажиран на домашни и меѓународни проекти од областа на екологијата.

„Мојата магистерска работа уште во 2008 година беше за пред-пристапните фондови од Европска унија, а последните 15 години работам во областа на заштита на животната средина и рурален развој, каде што 20-тина години професионално работам во секторот за правилно управување со отпадот. Оваа функција за мене значи вистински предизвик, бидејќи ваков тип на јавно претпријатие за прв пат се формира во нашата држава, со неговата специфика почнувајќи од самото меѓуопштинско вмрежување за вршење на дејности од јавен интерес за потребите на сите граѓани, па се до оној процес на циркуларната економија каде што од обичен отпад правиш готов производ спремен за повторна употреба, треба да бидеме добар пример за другите региони кои сеуште се во почетна фаза. Како екологист се надевам дека за некоја година ќе ја видиме нашата држава почиста и поздрава“, вели новиот директор.

Изградбата на фабриката за селектирање, рециклирање и преработка на отпадот треба да отпочне во првиот квартал на 2024 година и рокот за изведба е 24 месеци. 

„Според овој план ако се оди како што треба, без никави опструкции од страна на поединци или носење на погрешни локални политики, ова Заедничко јавно претпријатие за регионално управување со отпад „Еко Исток-Североисток“ Свети Николе ќе почне да работи со полн капацитет во 2026 година. Средствата кои се обезбедени од ЕУ преку Министерството за животна средина, уште пред повеќе од 10 години нема да ни бидат уште долго време на располагање, а општините кои би сакале да се откажат од ова нивно заедничко претпријатие би сносиле огромни финансиски импликации, бидејќи во минатиот период, делот од вие средства беа потрошени за потребите на општините каде што беше обезбедена соодветна опрема за собирање на комунален отпад (канти, контејнери, камиони и сл) така да трошокот веќе е направен и нема назад. ЗЈПРУО Свети Николе во наредниот период заедно со министерството, локалните заедници и граѓанскиот сектор интензивно ќе работи на подигнување на јавната свест за тоа што значи да се има ваква модерна фабрика за отпад и колкав бенефит ќе имаат самите граѓани од тоа“, вели Чунгурски.

Бидејќи се работи за ново јавно претпријатие, во изминатиот период се работело на изготвување на Предлог- статутот, кој  треба да го усвои Управниот одбор. Минатата недела била одржана и првата конститутивна седница на Управниот одбор кој брои 15 члена, додека Надзорниот одбор се состои од 5 членови. Претставниците на овие два највисоки органи се номинирани од страна на основачите, односно од сите 18 општини во Североисточниот и Источниот плански регион, како претставници на своите општини. За претседател на Управниот одбор на претпријатието е избрана Гордица Бошковска од Куманово.

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk