Државата подготвува нов проект „Компјутер за секое дете“ и дигитализирање на наставата

23.11.2018 09:07 | KumanovoNews

 Министерството за образование подготвува наследник на проектот „Компјутер за секое дете“.

Државата подготвува нов проект „Компјутер за секое дете“ и дигитализирање на наставата

 Ова за „Мета“ го најавува заменик-министерот за образование и наука, Петар Атанасов кој вели дека наставната програма неопходно е да се дигитализира, со што ќе им се овозможи на учениците да се образоваат од современи помагала.

 Тоа е една голема промена која ќе мора да се случи. Конкретни податоци немам во овој момент кога би се набавувале нови компјутери за учениците, но ќе работиме на тоа да ја дигитализираме наставата. Тоа подразбира обезбедување повеќе ресурси, опремување на училиштата за дигитализација и овозможување на алатки за да можат да учат од модерни помагала. Исто како минатата влада, имаме желба да го реализираме овој процес, кој не може да се заврши за кусо време – вели Атанасов.

Во моментов, учениците во државата или воопшто не користат компјутери додека се на училиште, или пак, го користат она што остана функционално од опремата набавена со проектот „Компјутер за секое дете“.

Во недостиг на опрема за реализација на часовите на компјутер и реализација на часовите по информатика, во многу училишта се води политика на „бринг јор оун дивајс“ (bring your own device), па децата си носат од дома лаптоп, смартфон или таблет.

Како што ни изјави Томе Спировски, директор на Државниот просветен инспекторат, само една третина од компјутерите се исправни и се користат во наставата, затоа што другите или се значително оштетени или се сосема надвор од функција.

Компјутерите од проектот „Компјутер за секое дете“ беа набавени во 2007 година. Овој проект беше жестоко критикуван од тогашната опозиција дека е неуспешен и дека е проект за перење пари.

Никогаш не беше обелоденето колку  точно пари ја чинеше државата овој проект.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk