Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Советниците на ДУИ ја напуштија седницата на Советот на Општина Куманово и се заканија дека нема да присуствуваат и на наредните седници, додека не се повлече Планот за вработување во општина Куманово за 2017 година.
Оваа нивна одлука уследи откако советниците на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ГРОМ гласаа за планот, од ВМРО-НП и ДПСМ беа воздржани, а партиите на Албанците ДУИ, ДПА и НП беа против. Откако беа надгласани, ДУИ побара пауза и потоа соопштија дека го напуштаат Советот.
„Советничката група на ДУИ во знак на револт ќе ја напушта денешната седница и нема да учествува на наредните седници, додека 12 точка не се поправи врз основа на забелешките што ги имавме предходно. Ако не се предложи истата точка наредната седница со измените предложени од наша страна, ние нема да учествуваме во работата на Советот„, - рече Ридван Асани, координатор на ДУИ Куманово пред советниците.
Во телефонски разговор Асани ни изјави дека несогласувањата се однесуваат како за вработувања, така и за унапредување на веќе вработените што тие го побарале, но не им биле прифатени.
Планот за вработување во Општина Куманово во оваа година предвидува 48 нови вработувања во локалната администрација, од кои 31 Македонец, 12 Албанци и 5 Роми. Тој е направен според пропорционалната застапеност на етничките заедници и бројот на досега вработените во Општината.
Оваа точка предизвика голема расправа, при што советниците на ДУИ не ги изнесоа своите забелешки, туку побраа одложување на точката што не беше прифатено.
Наспроти нив советникот Ашмет Османовски обвини дека во локалната самоуправа нема вработен ниту еден Ром. Новиот план не предвидува вработување на Срби бидејќи има вработено повеќе од дозволеното, според законската методологија донесена од Министерството за информатичко општество и администрација. Координаторот на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ Драган Петковски, праша дали работата во општината ќе се зголеми за една четвртина со оглед на тоа дека за толку се зголемува бројот на општинската администрација.
Секретарот Валентина Алексовска, објасни дека со пренесување на надлежностите зголемен им е обемот на работа, а општините од минатата година имаат обврска да изготват План за вработувања во тековната година, кој треба да го донесе Советот, но поради тоа што не била навремено изготвена методологијата од МИОА во 2016 година немало вработувања.
Во општина Куманово има 200 вработени од тоа: 137 Македонци, 31 Албанец, 26 Срби, 1 Ром и 5 од останатите националности.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk