Два големи шумски пожари во липковско

03.04.2017 07:54 | KumanovoNews

Два големи пожари беснеат во реонот на планината Карадак во липковските села Белановце, Отља и Стрима.

Два големи шумски пожари во липковско

Според директорот на ЈП „Македонски шуми“-подружница Куманово Саит Ваити, гори голема површина на шума, сува трева и грмушки во пограничниот реон со Косово и Србија. Едниот пожар избувнал завчера вечер, а вториот вчера околу пладне. Не се изгаснати ниту ставени под контрола затоа што се зафатени непристапни планински терени.

 „Не може да се интервенира со возила на противпожарна единица, туку само рачно. Вчера во Белановце беа 40 вработени, гасневме со напртњачи и лопати, но тешко оди. Гаснењето ќе го продолжиме од сабајле, но екипите мора да се поделат на двата пожари. Ако не добиеме засилување тешко ќе се справиме сами, - вели директорот Саити.

Тој објаснува дека пожарот во Белановце се проширил од територијата на Србија и Косово, додека во Отља и Стрима се сомнева дека намерно е подметнат. Случајот е пријавен во полицијата и ЦУК, и се очекува денеска да се преземат потребните мерки. Пожарот во Стрима има опасност да се прошири кон куќите.

Пожарите можат да видат со голо око од Куманово, а голем облак на црн чад се издига над планината. Покрај во липковско голем пожар бесне и на Скопска црна гора на границата со кумановско.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk