Двајца пациенти починале во расипаната кола на Брза помош

13.03.2017 14:27 | KumanovoNews

Двајца пациенти од Крива Паланка починале во возило на Брза помош, додека како итни случаи се превезувале на лекување на Скопските клиники.

Двајца пациенти починале во расипаната кола на Брза помош

По првичната информација дека еден од пациентите починал во Кумановската болница, директорот Јоско Стефановски потврди дека двајцата пациенти починале во возилото, повозрасниот на излезот од Куманово, а вториот на наплатната рампа кај Бунарџик на влезот во Скопје откако им се расипало санитарното возило.

Се работи за С.Р.(42) од кривопаленчкото село Узем и Н.Д.(86) од Крива Паланка, кои во петокот биле пуштени дома од Скопските клиники.

 Пациентите биле во критична здравствена состојба. Прво се однесени во Кумановската болница каде лекарите препорачале поради сериозноста на болеста да бидат транспортирани за Скопје. Повозрасниот пациент кој има 86 години и сериозно белодробно заболување починал веднаш по напуштањето на болницата, на излезот на Куманово, но екипата го продолжила патот за да го спаси вториот пациент кој имал компликации по трансплантација на бубрег. Попат му се слошило и на него, а кај Рафинерија се расипало возилото. Веднаш била побарана помош од итната помош на Скопје и Куманово. Возачот продолжи да се движи кон наплатната рампа и за 10 минути стигнала Брза помош од Скопје, но пациентот во меѓувреме починал, - објаснува Стефановски.

Тој вели дека лекарската екипа, составена од лекар и медицинска сестра најпрофесионално си ја извршила работата, и тврди дека и да не се расипело возилото пациентот не би издржал да стигне на Скопските клиники. На прашањето зошто со едно возило биле транспортирани двајца тешко болни пациенти, директорот објаснува дека тие во исто време дошле во болница и за да добијат на време лекарите одлучиле дека има услови двајцата пациенти да бидат транспортирани во исто возило. Едниот бил легнат, а другиот во полуседечка положба.

Лекарскиот тим кој бил вчера бил на работа утринава поднел извештај за целиот настан.

Стефановски не знаеше колку точно е старо возилото со кое се превезувале пациентите, но тврди дека сите возила редовно се одржуваат и на 6 месеци им се врши технички преглед. Брзата помош во Крива Паланка има 6 санитетски возила, плус теренски и лесни возила за опслужување на пациентите.

И од Кумановската болница велат дека пациентите кај нив на интерното оддление биле само прегледани и препратени за Скопје со екипа и возило од Брзата помош на Крива Паланка.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk