Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Две девојчиња од Куманово помлади од 15 години лани станале мајки.
Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека во Македонија во 2013 година, 25 девојчиња под 15 години родиле деца. Психологот Лидија Манасиевска вели дека обично се работи за деца од дисфункционални семејства, кои прерано се впуштаат во сексуални односи и секогаш постои можност да останат бремени и да родат.
“ Тоа се сеуште неоформени деца, кои не размисливаат за последиците. Тие се во пубертет, нормално е да има кризи, расправии со родителите. Ги води моменот, наместо да бараат начин да го решат тоа, а не да се впуштаат во сексуални односи и да ги казнат на тој начин родителите“- изјави Манасиевска.
Таа смета дека треба да се воведе предмет сексуално образование за да младите се информираат за сексуалниот живот, несакана бременост и полови болести.
Социологот Светлана Илиевска Алексовска, додава дека во Македонија годишно се склучуваат околу 14.000 бракови, од кои 13 отсто се малолетнички. Претежно кај ромската етничка заедница, девојките млади стапуваат во брак и млади раѓаат деца.
“Девојките кои ги склучуваат овие бракови честопати се доведени во заблуда. Со прерано влегување во брак се повредуваат основните права на децата на здрав психолошки развој, заштита на нивното здравје и остварување на правото на образование. Исто така, тоа би можело да помогне во објаснувањето на високото ниво на мртвородени бебиња, процентот на детска смртност што е близу 2 пати повисок во однос на општата популација. Склучувањето на вакви бракови неретко се оправдува со традицијата, вредностите и обичаите“ - изјави социологот.
Илиевска Алексовска смета дека ниту едно девојче не треба да склучи брак пред 18 години, односно пред да заврши средно училиште.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk