Дводневен фестивал на краток филм „Филмај“ во Куманово

27.05.2025 10:10 | Оливера Пешевска

Меѓународниот фестивал на краток филм „Филмај“ во Куманово ќе се одржи утре и задутре во Занаетчискиот дом во Куманово.

 

Дводневен фестивал на краток филм „Филмај“ во Куманово

Во две вечери на фестивалот ќе бидат прикажани 5 наградени и уште 11 селектирани филмови. 

„Филмај“ фестивалот на краток филм ова година го одржуваме по 7 пат, почнавме во  2019 и секоја година добиваме се подобри и се поквалитетни филмови. Ова година имавме 196 пријавени филмови од дури 40 држави“, истакна Драган Денковски, менаџер на клупскиот проект.  

Публиката ќе има можност да ги проследи: најдобриот македонски филм „Прошетка“ режиран од Елеонора Венинова, за најдобра режија „Скоро целосна измислица“, од Турција, режиран од Чансу Бајдар. Наградата за кинематографија е  доделена на филмот „Достоинствено“ од Русија, снимен од директорот на фотографија Никита Белај. Четвртата награда е за сценарио на филмот „Дрвја намачкани со катран“ по сценарио на Михаил Кунов од Данска, и за  најдобар филм е прогласен „Посетителите на Амаја“, Шпанија, во режија на Хеорхе Тодрија.

Стручното жири беше во состав: режисерката Лавинија Софрониевска Лошков, Никола Кузелов, актер и сценарист и меѓународниот член Пол Диглер од Шпанија, режисер, сценарист и монтажер, кои имале за прегледување 40 претселектирани филмови.

Од останатите филмови ќе се прикажуваат филмови од Австрија, Италија, Аргентина, Чиле, Хрватска, Иран, САД.

Сите проекции се со обезбеден превод на македонски, квалитетна слика на големо платно со одличен проектор и супер звук.

„Фестивалот е меѓународен како и претходните години, од идната година се надеваме дека ќе направиме уште еден чекор во раснење на фестивалот, а тоа е да имаме меѓународни гости од филмската фела и посетители од странство“, додаде Денковски.

Влезот е слободен за сите посетители и проекциите почнуваат од 20 часот.

Меѓународниот филмски фестивал за краток филм „Филмај“ е поддржан од Општина Куманово, со средства во висина од 80.000 денари.     

 

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk