Едни асфалтираат други прекопуваат

05.12.2018 08:59 | KumanovoNews

Едни асфалтираат други уништуваат, вака најкратко може да се опише појавата која многу често е присутна на кумановските улици.

Едни асфалтираат други прекопуваат

Само што ќе се асфалтира некоја улица за кратко време ќе се раскопа, заради поставување на електрична или цевководна инсталација.

Последен пример е улицата „Љупчо Арсов“, на која се поставува гасификациона мрежа.

Споменатата улица се наоѓа во близина на Гимназијата „Гоце Делчев“ и беше асфалтирана лани со проект на ЕУ за рехабилитација на канализационата мрежа.  Жителите едвај дочекаа асфалт, а само по една година тој е уништен. По завршување на работата улицата ќе се поправи, но ќе остане со крпеници и нерамнини,  по кои граѓаните ќе кршат нозе и автомобили.

 - Да се водеше сметка за оваа работа Куманово до сега ќе имаше барем уште три булевари, а ќе се асфалтираше и писта на аеродромот Аџитепе, - велат кумановци.

  Како се одвиваат работите на терен, се чини дека Општината и јавните претпријатија воопшто немаат координација и заедничко планирање на годишните активности. Ако се знае дека до пред 6 месеци половина  Куманово беше раскопано поради поставување на канализација, а за реализација на проктот се чекаше најмалу 4 години, зошто тогаш не е направен план за комплетната подземна инсталација, меѓу кои и на гасификационата мрежа, кога 10 години се зборува дека таа е приоритет број еден на Општината. 

 - Толку ли е тешко работите да се предвидат и да се завршат на време без последици по градската инфраструктура? - прашуваат граѓаните.

Вака, со непланска градба само се тапка во место и парите на граѓаните одат во неповрат. Куманово останува со голем број на нерешени инфраструктурни проблеми и не асфалтирани улици, а тие што виделе асфалт се дупка до дупка од крпеници.  Многу поалармантна е состојбата во приградските населби, бидејќи таму поретко се асфалтира, а постојано се вршат приклучоци во новиизградените куќи.

 Новата локална власт под итно мора да најде решение за овој проблем и да го заштити јавниот имот, да го казни самоволието на одредени граѓани, приватни фирми или јавни претпријатија, доколку не ги почитуваат новите правила.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk