Прво Есенско пазарче во Ново Село (видео)

27.11.2023 09:25 | Сузана Николиќ

Месни производи, зимница, слатка, вина, ракија, сокови, колачиња, пити и уште многу други домашни производи можеа да ги купат посетителите на првата Есенско пазарче,  кое вчера се одржа во  кумановско Ново Село.   

Прво Есенско пазарче во Ново Село (видео)

Настанот го организираа здружението за рурален развој „Ума Сто“ од Куманово и „Одржливи иницијативи“ од Скопје. 

„За првпат оваа година се организира вакво Есенско пазарче, на кое ги поканивме малите производители од Ново Село и Умин Дол, како и други производители од кумановско. Ова го правиме се со цел да ги заживееме овие две села, и да почувствуваат овие луѓе дека тоа што тие го произведуваат навистина има вредност и некој го цени. Се надевам дека овој мал локален настан, кој значи многу за мештаните, од следната година ќе прерасне во традиција и ќе се организира уште помасовно“, вели Роза Трајковиќ, претседателка на здружението „Ума Сто“.

 

На посетителите и на гостите им беше послужена варена зелка-подварок и посна сарма, со домашно месено лепче, греана ракија и туршија, кои ги подготвија вредните домаќинки од двете села.

„Одлична организација, несекојдневен настан, кој треба да се поддржи и да добие поголема промоција. Се надеваме дека ќе има почесто вакви настани, бидејќи ова недостасува во понудата на општината“, беше пораката на посетителите. 

Пазарчето е дел од проектот „Млади лидери во руралниот туризам“, којшто е финансиран од Европската унија, преку проектот „Потпри се на младите“, спроведуван од “Македонска развојна фондација за претпријатија”, „Рурална Коалиција“, „Џуниор Ачивмент“ и „ЕЛИТ- Здружение на жени менаџери Скопје“.

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk