Фирми од кумановско и липковскo со лажни фактури сакале да добијат поврат на ДДВ

15.01.2024 19:27 | Сузана Николиќ

 Управата за јавни приходи (УЈП) спречила осум фирми од нафтениот бизнис да остварат поврат на ДДВ од 2,6 милиони евра со изигрување на законите.

Фирми од кумановско и липковскo со лажни фактури сакале да добијат поврат на ДДВ

На денешниот брифинг, од УЈП кажаа дека спровеле контроли кај три даночни обврзници регистрирани за вршење дејности трговија со нафта и нафтени деривати на големо и мало кои пристапиле кон изигрување на законите преку промена на назив и седиште на правното лице, како и промена на сопственичката и управувачката структура, без да имаат пријавени вработени, соодветни лиценци од Регулаторната комисија за енергетика, бензинска пумпа и складишен простор, служејќи се со фиктивни фактури за милионски суми.

Според УЈП, станува збор за три даночни обврзници и петмина добавувачи, но нивните имиња не се откриваат.

„Нема оштетување на Буџетот затоа што даночните службеници спречиле исплати за поврат на ДДВ од 160.117. 130 денари (2,6 милиони евра) и за Данок на личен доход од 18.969.998 денари (300.000 евра)“, кажа директорката на УЈП Сања Лукаревска.

За овие случаи УЈП доставила писмени пријави со докази до Јавното обвинителство и до МВР на 15 ноември 2023 година, а до Управата за финансиска полиција на 1 декември 2023 година. Кај првиот контролиран случај станува збор за утврдени неправилности по основ на ДДВ од 79.350.190 денари, во вториот од 26.090.205 денари, а во третиот случај за 54.676.000 денари.
 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk