„Фрајле„ и Тијана на Тамбурашки фестивал

20.08.2014 12:14 | KumanovoNews

Новосадската група Фрајле и поп пејачката Тијана Дапчевиќ, ќе бидат дел од богатата програма на јубилејниот 10 - ти Тамбурашки фестивал Куманово.

„Фрајле„ и Тијана на Тамбурашки фестивал

Фестивалот ќе се одржи во петок и сабота, со почеток во 20.30 часот на градскиот плоштад. На отварањето ќе настапат Кумановски тамбураши и Нино Величковски, групата Гезме, Осијечко - Барањска жупанија и Тијана Дапчевиќ со бенд. На втората фестивалска вечер ќе учествуваат Тамбурашки оркестар Табиет од Свети Николе и Фрајле од Нови Сад.

  „Фрајле се родени и живеат во градот на тамбурата, тие се доста популарни. Со нив ќе се заокружи чествувањето по повод 10 години Меѓународен тамбурашки фестивал Куманово 2014. Трета година по ред добиваме поддршка од Министерството за култура и се надевам дека во иднина ќе има уште поголема поддршка од бизнис секторот и од сите кои се љубители на тамбурата„ - рече Нино Величковски, уметнички директор на фестивалот.

Организаторите велат дека со скромен буџет се трудат да понудат што поквалитетна и поатрактивна програма за граѓаните.

“Фестивалот бележи напредок во една нагорна линија. После 10 години наша констатација е дека овој фестивал прерасна навистина во бренд на Куманово на културата. Во овие 9 години продефилираа најголем број и најдобрите тамбурашки оркестри од бившите југословенски простори и пошироко. Продефилираа многу значајни имиња од естрадата, дел типично тамбурачки, а дел се други естрадни ѕвезди кои предизвикаа големо внимание кај граѓаните на Куманово и пошироко„ - изјави Жика Крстевски, раководител на сектор за култура и спорт во општина Куманово.

За фестивалот ќе бидат потрошени 300.000 денари средства обезбедени од општинскиот буџет, Министерство за култура и спонзори.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk