Француската амбасада обезбеди донација за уредување на Кокино

23.12.2019 10:58 | KumanovoNews

Здружението на граѓани „ЛАГ АБЕР 2015“ од Старо Нагоричане, со финансиска поддршка на Амбасадата на Франција, ќе реализира проект за подобрување на визибилноста на локалитетот Кокино и негово прилагодување за потребите на туристите.

Француската амбасада обезбеди донација за уредување на Кокино

Проектот предвидува изработка на патна сигнализација, инфо-табли, изработка на веб сајт и мапирање на најзначајните точки на локалитетот.

„Како што е познато, многу малку е направено за Кокино во тој поглед, а и досегашните вложувања немаа одржливост. Денес, Кокино се наоѓа во незавидна состојба, пред се` поради уништената патна сигнализација која го отежнува доаѓањето на туристите, како и згаснувањето на официјалниот сајт на локалитетот, оштетените и уништени информативни табли и сл. Поради тоа локалитетот не може да понуди организирано движење на посетителите и нивна анимација без ангажирање на локален водич“, - информира претседателот на „ЛАГ АБЕР 2015“, Дејан Ѓорѓиевски.  

Увидувајќи ги овие недостатоци „ЛАГ АБЕР 2015“, заедно со НУ Музеј Куманово, во предлог-проект нуди решенија за овие проблеми. Предлогот е одобрен и веќе активно се работи на негова реализација, а според програмата, интервенциите ќе завршат до март 2020 година.

„ЛАГ АБЕР 2015“ е избрана како една од организациите кои добија субвенција од вториот повик за партнерство со македонското граѓанско општество.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk