Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Над 200 вработени во Куманово ги вратиле парите од К-15, кои газдите се должни да им ги исплатат во текот на годината.
Десетина работници од повеќе фирми се пожалиле во Регионалниот синдикат, дека работодавците им исплатиле К-15, по што ги натерале да им ги вратат парите.
Најчесто се работи за вработени во текстилната, чевларската и преработувачката индустрија, кои откако ги земале парите, целосно или делумно морале да ги однесат кај газдите или, пак, добиле намалена плата за следниот месец. Работниците барале чаре како да се борат против злоупотребата на газдите, а да не останат без работа.
“ Сигурно околу 200 вработени во Куманово ги вратиле парите од К-15, бидејќи оние што доаѓаа кажуваа дека бараат помош во име на своите колеги. Тие не се наши членови и ние не можеме да им помогнеме, доколку не се зачленат кај нас немаме право да интервенираме кај газдите. Единствено можат да пријават во Трудовата инспекција,- вели Миле Спасовски, секретар во Регионален синдикат.
Во Трудовата инспекција слушнале гласини дека се прават манипулации со исплата на К-15, но велат дека до нив нема пристигнато ниту една пријава од работниците.
И додека работниците се плашат да пријават во надлежните државни институции, газдите ги кршат законите и се богатат на сметка на најсиромашните и најслабо платени работници во државата.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk