Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Германската компанија ВПД ќе гради ветерна електрана на потегот Куманово-Старо Нагоричане-Крива Паланка, во вредност од околу 500 милиони евра, во стратешко партнерство со македонската влада.
Премиерот Зоран Заев денеска најави дека инвестицијата за изградба на 415-мегаватната ветерна електрана ќе се реализираат преку проектот „Вирови“.
„Ова е најголемата директна гринфилд инвестиција во македонската економија од независноста до денес и најголемата германска инвестиција во земјата. На полињата од Куманово до Крива Паланка ќе има 69 ветерни турбини, а сега Македонија има само 16“, изјави Заев на денешната презентација на проектот.
Проектот треба да биде готов за шест години, а договорот за стратешко партнерство меѓу македонската влада и ВПД е на 45 години. Нема да се користат никакви повластени тарифи од државата, а на овој начин со електрична енергија ќе се снабдуваат 290.000 домаќинства. Овој проект е повеќе од половина од предвидените 700 мегавати со стратегијата.
Германската амбасадорка Анке Холштајн ја пофали владата за привлекувањето на странски инвестиции за обновливи извори на енергија и кажа дека проектот ќе овозможи годишно намалување од 310.000 тони јаглерод диоксид.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk