Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Голем одзив имаше денеска на акцијата “Отворено со катастарот“, која се одржа во Одделение за катастар Куманово.
До 14 часот се примени 35 граѓани кои имале прашања од областа на катастарското работење. Тие имаа можност да се сретнат со стручните тимови од Скопје и од нив да добијат насоки за решавање на проблемите со кои се соочуваат.
“Една половина од примените не се за проблеми со катастарот, туку за проблеми кои ги имаат со други институции. Но, нашите стручни тимови добро ја познаваат имтоно - правната материја, така што на тие граѓани гледаме да им дадеме најдобар можен совет, за да им се излезе во пресрет. Имаше граѓани кои дојдоа и кажаа одредени проблеми кои ги имале со катастарот. Таму каде што катастарот направил технички грешки, веднаш да ги решиме. Имаме предмети кои се сложени , уште од минатиот век и за нив ќе ни треба повеќе време за да ги решиме. Кумановскиот катастар одлично си ја врши работата“ - изјави Славче Трпески, директор на Агенција за катастар на недвижности на Република Македонија.
Кумановскиот катастар лани решил 65.000 предмети и дигитализирал 90 отсто од територијата која ја покрива.
“Сите тие предмети се сработени во законски предвиден рок. Нашите служби секогаш правните основи ги разгледуваат детално, гледаат да им се заврши работа на клиентите односно граѓаните. Да не одат до второстепени, Управни судови и нивното право за запишување се одложи. Катастарот има една поширока лепеза на барања кои се впишуваат“ - вели Дејан Јовановски, раководител на одделение за катастар Куманово.
Лани кумановскиот катастар учествувал во експропријација за изградба на пруга кон Бугарија, ажурирање на геодетски подлоги за урбанистичкиот план за Кокино, касарната и индустриската зона во Ранковце. Во кумановскиот катастар се впишани и 10.000 легализирани дивоградби.
Акцијата “Отворено со катастарот“ во Куманово продолжува и во текот на утрешниот работен ден.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk