Голем интерес за режановска „Празијада“

13.11.2011 15:11 | KumanovoNews

Во селото Режановце вчера се одржа првата „Празијада“, на која се бираше најквалитетен праз и највкусен специјалитет од него.

Голем интерес за режановска „Празијада“

Пред цркавата „Свети Јован“, земјоделците од ова и соседните села, кои со години ја одгледуваат оваа градинарска култура ги изложија најдобри експонати, а домаќинките ги изнесоа приготвените традиционални јадења од праз.

Главнo на менито беа суканите баници и пити, а беше промовирано и селското јадење „Режановска муќкалица„, која се прави од пржено свинско месо, праз и црвени сушени пиперки.

Живееме во време, во кое што сакаме да ги прикажеме и да дадеме поголем значај на традиционалните вредности и на економското здружување, но секако и на културно поле. Со тоа се дава значење и на оваа индустриска култура, но се создаваат услови за размена на искуствата на производителите. Истовремено се врши и полуларизација и се истакнуваат предностите за живеење во нашето село, кое е толку блиску до Куманово. Ова регионална манифестација денеска е многу успешна, благодарение на жителите од селото, покровителството на градоначалникот и општината, како и учеството на  невлдините организации - рече Трајан Димковски, претседател на месната заедница Режановце.  

Манифестацијата наиде на голем прием кај граѓаните. Од градот и од селата, посетителите уживаа во богата културно уметничка програма и домашната храна.

Ние за првпат оваа година организираме ваква манифестација во соработка со месната заедница на селото Режановце и здруженијата Еко-гард и Етно-шоп Беба. Се надевам дека ќе продолжиме и наредните години, бидејќи овој лопатско-режановски регион има долга традиција и плодно земјиште за производство на градинарски култури, а пред се на празот. Тука е и нивната традиција на негување на етно-обичаите. Со ваквите манифестции ќе го потикнеме и развојот на агро-туризмот, што е иднина на овој регион и целата држава - рече градоначалникот Зоран Дамјановски.

Своето задоволство од убаво осмислената манифестација не го криеше ни пратеникот Оливер Спасовски, кој смета дека таа ќе допринесе за унапредување на земјоделието и потикнување на државата повеќе да го цени трудот и земјоделското производство.

По прогласувањето на победниците и доделувањето на наградите, организаторите, најквалитетниот  праз го подарија на градоначалникот и пратеникот. Манифестацијата беше исполнета со богата културно-уметничка програма и настап на музички звезди, а посебно со бурен аплауз беа проследени досетките за големината и дебелината на празот на  водителот Зоран Бојковски.

Организаторите се презадоволни од прифатеноста на маниестацијата и најавија дека таа ќе прерасне во традиционална, бидејќи предизвика голем интерс и посетеност од граѓаните.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk