Голем одзив на акцијата „Александар Ковачевски“

05.05.2016 14:21 | KumanovoNews

Над 60 единици крв се собрани на меморијалната крводарителска акција “Александар Ковачевски“ што денеска ја организираше Здружението на полициски и воени ветерани во Куманово.

Голем одзив на акцијата „Александар Ковачевски“

Во акцијата се вклучија членови на здружението, 25 професионални војници, десетина полицајци и други крводарители.

„Оваа акција ја организираме по 4-пат во чест на нашиот прерано починат колега, крводарител и хуманист Александар Ковачевски. Задоволни сме од одзивот, бидејќи ги надмина нашите очекувања, - изјави Борко Стојковски, портпарол на Здружението.

На акцијата присуствуваше и Елизабета Ковачевска, сопруга на Александар, која во името на семејството се заблагодари на  неговите колеги и граѓаните што на ваков начин му оддаваат почит и се сеќаваат на нејзиниот сопруг.

„Тој беше крводарител со над 50 крводарувања. Секоја година бројот на крводарители се зголемува што значи дека се почитува ликот и делото на мојот сопруг. Со ова се надополнува една празнина која ја имам во моето срце“, - изјави Ковачевска.

„Секоја година доаѓам од Скопје, бидејќи Александар беше мој колега и другар. Тој беше фантастичен човек и може само да се посака да се има таков другар. Тој помагаше на сите и затоа сме во толкав број, - рече Борис Мартинов, пријател на семејството Ковачевски.

По завршување на акцијата беше послужен ручек и се организираше дружење за крводарителите.  

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk