Голем пожар во зградата на поранешен „Кристал“ (видео)

11.10.2023 21:33 | Сузана Николиќ

Голем пожар денеска (среда) напладне избувна во напуштената зграда на поранешниот хотел „Кристал“, во центарот на Куманово. Според очевидци и пожарникарите, гореше ѓубре во приземјето на објектот, кое најверојатно намерно е запалено.

Голем пожар во зградата на поранешен „Кристал“ (видео)

„Гори сметот кој го создаваат бездомниците и корисниците на дрога, кои постојано се собираат тука. Има и цели семејства со деца кои живеат во напуштените соби. Сигурно тие го предизвикаа пожарот, никој друг не влегува таму. Под итно да се иселат тие луѓе и да се исчисти ѓубрето. Покрај тоа е што е извор на зараза, претставува и голема опасност во вакви ситуации, може да се прошири и на нашите куќи, или ако има некој на горните катови, може да се задуши од чадот“, вели еден од соседите, кои беа на улица.

На терен излезе екипа на Противпожарната единица која го локализираше пожарот, но проблем беше густиот чад кој го блокираше влезот во зградата и ја отежнуваше работата на пожарникарите. Чадот и мирисот на изгорено го обвитка центарот на градот.

Од Територијалната противпожарна единица Куманово велат дека во пожарот на ул. „Гоце Делчев“, во поранешен хотел „Кристал“, биле зафатени неколку празни простории со ѓубре. Тие интревенирале во периодот од 11.25 до 14. 10 часот со две возила и 5 пожарникара.

Додека траеше пожарот местото го обезбедуваа повеќе екипи на Кумановската полиција. 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk