Голема посетеност на концертот за помош на семејството Маринковски

31.03.2017 11:06 | KumanovoNews

Волонтерите на Црвениот крст собраа 64.000 денари за помош на шестчленото семејство Маринковски, на хуманитарниот концерт што пред неколку дена се одржа во Центарот за култура во Куманово.

Голема посетеност на концертот за помош на семејството Маринковски

Парите ќе бидат употребени за реконструкција на дел од куќата и изградба на тоалет, бидејќи семејството нема основни услови за живот во скромната куќичка која секој момент може да падне.

„Хуманитарниот настан беше целосно распродаден што е уште еден показател за хуманата страна на нашите сограѓани,- велат од Црвен крст.

На концертот зедоа учество: Мартинијан Кириловски, Бојана Апостоловска, Анастасија Богоева, Мери Витановска, Боби Додевски – “Нема Љутиш”, “Макденс-Студио”, ДМА “Срма” и КУД “Српски Вез”. Публиката имаше можност да види и две претстави од младите на Црвен крст “Приказна за една идеја” и претставата од учениците при ОУ “Кочо Рацин”–“Тато учителка кажа ти да идеш на родителски”.  

И додека граѓаните и здруженија се организираат да помогнат никој од надлежните државни и локални институции не покажа интерес да се вклучи во акцијата или да понуди помош.

 Маринковски не примаат социјална помош по ниеден основ, бидејќи Зоран е вработен во ЈП „Чистота и зеленило„. Сопругата и трите деца се со интелектуана попреченост, а сите членови имаат и други здравствени проблеми. Живејат во трошна куќа без кујна и купатило, со оскуден и распаднат мебел, а двете соби ги затоплуваат со остатоци од дрва и пластика.

Неопходна им е помош од секаков вид, пред се градежен матерјал и мебел. Маринковски имаат и долг за струја од 20.000 денари и доколку во најкраток рок не го платат ќе останат во темница.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk