Градинките во Куманово ќе примат 253 деца според новите протоколи

08.09.2020 10:02 | KumanovoNews

Во детската градинка „Ангел Шајче“ во Куманово утре ќе бидат згрижени 253 деца. Толку родители поднеле барање и ги исполниле условите за сместување на нивните деца.

Градинките во Куманово ќе примат 253 деца според новите протоколи

Во градинка од 9 септември можат да се згрижат само деца чии родители се самохрани и двајцата работат на место кое не трпи физичко отсуство.

„Капацитетите на градинката во нормални услови се 1200 места, но по новите протоколи можеме да примиме само 760 дечиња. Во моментот толку родители поднесоа барања за згрижување на децата. Капацитетите можеме да ги зголемиме за уште 150 места со преадаптирање на трпезарии во занимални за дечињата во Центрите за ран детски развој. Направени се сите подготовки за прием на дечињата по новите протоколи и без проблеми ќе започнеме со работа“, - вели директорката Марина Алексовска.

Таа додава дека институцијата обезбедила над 3000 заштитни маски и ракавици, средства за дезинфекција, визири, бесконтактни топломери и се друго што е неопходно за нормално функционирање во новите услови. Масичките во занималните се поставени по новите протоколи и на дистанца. Родителите се известени за протоколите и мора стриктно да ги почитуваат.  

Директорката Алексовска, вчера ги посетила сите клонови на градинката и одржала состаноци со вработените, со цел да се договорат сите поединости за непречено одвивање на работата.

(С.Н.)

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk