Граѓаните на Куманово помудри од политичарите

03.11.2016 17:55 | KumanovoNews

Граѓаните на Куманово испаднаа помудри од политичарите и не дозволија случувањата во Диво Насеље да ги нарушат меѓуетничките односи во градот, беше заеднички заклучок на претставниците на Евро – Атлантскиот Совет на Македонија (АТА Македонија), кои денеска ги презентираа резултатите од истражувањето “Влијанието на Евро – Атлантските интеграции врз меѓу – етничките односи“

Граѓаните на Куманово помудри од политичарите

Повеќе од 84 одсто од граѓаните на Македонија се изјасниле дека евро-атланските интеграции позитивно влијаат во добрите меѓуетнички односи во државата. Ова го покажало испитувањето на тема “Влијанието на Евро – Атлантските интеграции врз меѓу – етничките односи“, што го направиле Евро – Атлантскиот Совет на Македонија (АТА Македонија), на 1000 испитаника од март до август годинава.

„Политичките елити ќе мора да одговорат на желбата на граѓаните дека евро-атланските интеграции треба интензивно да влијаат во подобрување на меѓуетничките односи и ако тоа е воља на граѓаните тоа значи дека ние треба да градиме стабилни институции, правна држава, независни медиуми и независно судство, и ако функционираат добро институциите и одговараат на желбата и вољата на граѓаните, тогаш ние сме чекор поблиску до членството на НАТО и ЕУ, - изјави Исмет Рамадани, претседател на АТА Македонија.

Поранешниот градоначалник Трифун Костовски, смета дека граѓаните на Куманово за време на минатогодишните настани покажале поголема мудрост од политичарите.

„ Политичарите сеуште не ги прифаќаат размислите на обичните граѓани каде треба нашата држава да се движи. Тоа е една силна порака сега пред изборите, којашто политичарите треба да ја прифатат и не само да говорат, туку да направат конкретни чекори кон тој процес. Народот сака да биде дел од една цивилизација со којашто ќе ги споделуваме тие вредности и сакаме да се развиваме и да одиме напред, а да си останеме тука сите на своето„, - изјави Костовски, извршен директор, Бизнис Клуб, АТА Македонија.

 Дека Куманово е Македонија во мало и добар пример за толеранцијата и меѓуетничкиот соживот се пофали и градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски.

„Државата е длабоко поделена по сите основи и затоа вакви иницијативи придонесуваат за градење на граѓанско општество во кои ќе се почитуваат различностите, а без овие вредности Македонија неможе да влезе во ЕУ и НАТО. Овој град беше во големо искушение во 2001 година и лани, но успеја да се справи со предизвикот и да не влезе во еден многу мрачен процес на етничка поделба.Сега очекуваме судот да докаже зошто ни се случи Диво Насеље и кои беа мотивите. Истовремено да се стави точка на меѓуетничката поделност и етношовинизмот во државата“, - истакна Дамјановски.

На трибината свои излагања имаше и полтичкиот аналитичар Алберт Мусиу, а можеа да се вклучат и граѓаните. Трибината се одржа во празна сала, бидејќи присуствуваа само неколку граѓани.

Проектот е поддржан од CIVICA MOBILITAS и НАТО Секторот за Јавна Дипломатија, Брисел, во коорганизација со Општина Куманово.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk