Граѓаните се подготвуваат за Божиќ

03.01.2015 14:57 | KumanovoNews

Кумановци деновиве се подготвуваат за еден од најголемите христијански празници Божиќ.

Граѓаните се подготвуваат за Божиќ

Купуваат костени, мандарини, јаболка, портокали и други прехранбени производи, без кои не може да помине традиционалната Божиќна трпеза.

Оваа година костените зависно од квалитетот, се продаваат од 100 па се до 160 денари за килограм. Продавачите велат дека продажбата оди послабо од лани, но се надеваат дека утре и задутре ќе има поголема навалица.

“Се купуваат костени, мандарини, киви, портокали, банани, лимони, буквално се. Костенот чини од 100 денари па нагоре, зависно од големина и квалитет. Костени обично купуваат по две кила. Мандарините се по 50 денари, а има и 3 килограми за 100 денари“ - вели Љубица Христова, трговец.

Цените на овошјето се слични како и лани. Трговецот Бајрам Демир вели дека дневно на тезга на Зелен пазар, продава едвај 20 килограми костени, а претходните години продавал  многу повеќе.

“Кинескиот костен е поскап и чини 150 денари. Немаат луѓето пари и затоа продажбата оди слабо“ - додава Демир.

Граѓаните велат дека за Божиќните празници ќе купат од се по малку, но ќе имаат богата трпеза.

“Костени доволно ни се два килограми. Ќе купиме јаболка, портокал, мандарина, банана, се што има на пазар и по продавници. Цените се високи како и пред секој празник, а би требало да бидат пониски тогаш“ - рече Томе Неделковски, граѓанин.

За божиќната трпеза неизбежни се и сувите смокви, сливи, урми, ореви, риба, но и неизбежното прасечко печење.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk