Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Без инциденти помина протестот на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ кој попладнево се одржа во Куманово.
Маршот започна во 17 часот од спортската сала Куманово и заврши пред Општината Куманово. Таму се обрати Јовица Станковски, советник на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Куманово, кој рече дека протестот не е партиски, туку кревање глас против создавањето на бинационална држава што ќе претставувало вовед во нови поделби.
„Многу сме зачудени и огорчени од прифаќањето на платформата изготвена во друга држава и испратена на македонскиот народ како уцена. Со ова се девалвира не само институциите и правниот систем на РМ туку и сите борби и жртви на македонскиот народ со столетија наназад. Сите знаеме колкаво богатство е мултикултурализмот и какви споменици оставиле етничките заедници кои живееле и живејат на тлото на Македонија. Сега некој сака на перфиден начин, набрзина да го избрише мултикултурализмот и се да сведе на пазарење меѓу два народа македонскиот и албанскиот. Тоа е директно поткопување на Рамковниот договор, тука сме да испратиме порака дека така не смее да биде. Независна суверена Македонија ќе остане мултиетничка и држава на сите кои живејат во неа: Македонците, Албанците, Србите, Ромите, Турците, Бошњаците и сите други кои и мислат добро на Македонија, - изјави Станковски.
Реката луѓе застана пред зградата на градоначалникот Зоран Дамјановски на булеварот „Октомвриска револуција“, при што го повикаа да им се придружи и го прашаа дали ја подржува платформата на Албанците. На собирот се пееја патриотски песни и скандираа „Македонија, Македонија”.
Организаторите закажаа нов протест за утре во 17 часот.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk