Градските улици исчистени, се отстранува снегот од патиштата кон селата во кумановско, тврдат надлежните

13.01.2025 11:00 | Оливера Пешевска

Булеварите и улиците во Куманово се расчистени и проодни, а се работи на отстранување на снегот од тротоарите и плоштадите информираат од ЈП „Чистота и зеленило“.

Градските улици исчистени, се отстранува снегот од патиштата кон селата во кумановско, тврдат надлежните

Во изминатите 24 часа екипите се постојано на терен, а освен физичко расчистување површините се посипуваат со сол и ајсмелт за да се спречи подмрзнување.

„Во три смени работат оперативните работници, се трудиме да го олесниме животот и сообраќајот во градот. Се фрла снег и се прска ајсмелт со грбни пумпи за да се спречи подмрзување на јавните прометни површини. Продолжуваме и во текот на денот, а ќе бидеме на терен и будно ќе надгледуваме се додека не престанат врнежите“, информираше директорот Ненад Стојановски.

Надвор од централното градско подрачје за одржување на улиците е задолжена фирмата „КООП инженеринг“, која треба да ги расчисти приградските населби и селата во кумановско.

И надлежните од Сектор за комунални работи проверуваат како се одвива расчистување на улиците и патиштата во градот и околината. Според нив работите се одвиваат со предвидената динамика, а добиле уверување дека ќе бидат спроведени интервенции за исправање на доставените мали забелешки.

„Улиците и патиштата се расчистени, имавме забелешка на неколку места и очекуваме повторно да се интервенира во најскоро можно време. Главните артерии се проодни со моторни возила, сообраќајот се одвива во зимски услови, но без застои и поголеми проблеми“, извести Момчило Јовановски.

Патните правци во надлежност на Општина Куманово се исчитени и проодни .Се чистат по приоритет, а според добиените информации расчистено е до Романовце, Пчиња, К’шање, Тромеѓа, населбата Карпош.

Според Центарот за управување со кризи државните патишта под надлежност на ЈП „Македонија пат“ се проодни, а сообраќајот се одвива по претежно влажни коловози со остатоци од кашест снег на коловозот и истите се опесочуваат и чистат. Забрана за тешки товарни возила е воведена поради предострожност од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир.

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk