Граѓаните на Македонија, Србија и Албанија од денеска имаат слободен пристап до пазарот на трудот во Отворен Балкан

05.03.2024 15:56 | KumanovoNews

Од денеска, граѓаните на Северна Македонија, Србија и Албанија можат да ја користат мерката Слободен пристап до пазарот на трудот во рамки на „Отворен Балкан”. 

Граѓаните на Македонија, Србија и Албанија од денеска имаат слободен пристап до пазарот на трудот во Отворен Балкан

Оваа мерка произлегува од меѓународните договори потпишани меѓу трите државни членки на иницијативата Отворен Балкан и тоа Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан, како и Договорот за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан.

„Мерката има цел да придонесе кон отстранување на бариерите кои ја попречуваат трговијата и слободното движење на луѓето и да овозможи користење електронски услуги во рамките на самата иницијатива. Заинтересираните граѓани за слободен пристап до пазарите на труд на Северна Македонија, Албанија и Србија најпрво треба да извадат Идентификациски број на Отворен Балкан на порталот за е-услуги во својата држава, со што потоа аплицираат за Одобрение за слободен пристап до пазарот на трудот во останатите две држави. Постапката се одвива целосно електронски и трае до 30 дена“, соопштува Владата.

Откако заинтересираните граѓани ќе се најават на uslugi.gov.mk и ќе поднесат барање за издавање Идентификациски број за Отворен Балкан (OB ID), кое веднаш се генерира, следен чекор е со тој број да аплицираат за Сертификат за слободен пристап до пазарот на труд во Србија https://euprava.gov.rs/ или во Албанија https://e-albania.al/.
 
Постапката е целосно и детално опишана на следниве линкови:

1. https://uslugi.gov.mk/otvoren-balkan.nspx


2. https://av.gov.mk/otvoren-balkan-severna-makedonija-srbija-i-albanija-ns_article-izvestuvanje-za-otpocnuvanje-na-uslugata-sloboden-pristap-do-pazar-na-trud.nspx

„Ова значи дека со овие новости и олеснувања, граѓаните добиваат многу побрз и многу полесен пристап до можностите за работа во трите држави. Од моментот на обезбедување пристап на пазарот на труд, во сите следни фази кои подразбираат преговори за работа, вработување и пензиско-здравствено осигурување, правата и обврските на граѓаните и компаниите остануваат неизменети, односно исти како и до сега, во согласност со националните законодавства. Со стартот на реализација на овие договори, на лицата кои ќе добијат ОБ-ИД им се овозможува непречен престој од две години во кои имаат право да најдат работа“, стои во соопштението од Владата.

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk