Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Незадоволни од работата на Здружението на пензионери Куманово, група членови побара од раководството да го подобри работење, со зајакнување на социјално- хуманитарно грижа и рационално трошење на парите на пензионерите.
„Повеќе од 50 проценти од пензионерите се незадоволни од работата на здружението, меѓутоа не сакаат јавно да зборуваат. Бараме да се преземат поголеми мерки на полето на сојално-хуманитарната дејност, како што тоа го прават другите општински организации. Бараме што поскоро да се изнајде простор, 20 години не лажат дека ќе најдат простор поголем од 20-30 квадрати каде ќе можеме да се собираме и дружиме. Нашето КУД плаќа кирија на Центарот за култура за да одржува проби, а на сметка има 200.000 евра, а плус секој ден пристигаат пари за тековното работење, - изјави Мирко Зафировски, член на одборот кој бара промени во работењето на Здружението.
Незадоволните членови обвинуваат дека со години наназад здружението го водат исти луѓе, кои добиваат дебели хонорари за својот ангажман.
Наспроти овие обвинувања, претседателот Спирко Николовски тврди дека обвинувањата се беспредметни и се случуваат со години наназад од мала група на незадоволни членови, кои не биле избрани во органите и телата на здружението.
Во здружението платени функции имаат претседателот, потпретседателот и секретарот, кои земаат 12.000, 11.000 и 10.000 денари, надомест кој го предвидува статутот. Нашите примања се најниски во државата, сите останати здруженија имаат многу поголеми паушали иако имаат помал број на пензионери, - изјави Николовски.
Претседателот додава дека годишно издвојуваат 1,2 милиони денари за помош на болни и социјално загрозени лица, како еднократка помош во висина од 3.000 до 6.000 денари за која одлучува комисија од познати лекари. Сите пензионери кои одат на бањски одмор здружението партиципира со 30 одсто за престојот во бањата.
Николовски вели дека кога дошол во здружението имало само 3 клуба на пензионери, а сега функционираат 11 клубови во сите населби во општината, а финасиски го помагаат Клубот на воени ветерани за да можат таму да престојуваат и нивни членови.
Во Куманово има 13.400 пензионери.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk