Хорор куќа во центарот на Куманово

06.08.2014 09:41 | KumanovoNews

При последното невреме од куќата летале прозорци кои повредиле една жена

Хорор куќа во центарот на Куманово

Паднат кров, испукана фасада, искршени прозорци, виснати даски и скршени керамиди, е слика од напуштена и разурната куќа во центарот на градот.

 Стариот објект се наоѓа на улицата „Илинденска„, во најрепрезентативниот дел на градот, спроти зградата на Комитет, но со години е оставен да се распаѓа. Поради тоа претставува сериозна опасност за безбедноста на граѓаните.

Кумановци велат дека со страв поминуваат, бидејќи не знаат што може да падне од него. При последното невреме што го зафати градот на тротоарот летале прозорци.  

  „Жената одеше по тортоарот, и одеднаш прозорецот падна зад неа. Ја закачи по нозете, но не ја повреди многу. Само две секунди пред тоа ќе ја удреше по глава. Несакам да помислам што можеше да се случи. Викнаа полиција и ги известија инспекциските служби„, - раскажува очевидец.

Граѓаните велат дека дотрајаните објекти во градот треба што побрзо да се поправат или срушат, под итно да се најде решение.

   „Ова е најнебезбедно место во градот. Зимоска паѓаа ќерамидите, а сега почнаа и прозорците. Ќе настрада некој. За ова треба надлежните сериозно да размислат, бидејќи ако некој загине, тогаш ќе биде доцна. Многу грда слика е ова и за некое запуштено село, а не за центар на градот„, - сметаат граѓаните.

Од секторот за урбанизам во општина Куманово објаснуваат дека куќата е во приватна сопстевност и тие испратиле покана за санирање на објектот.  Раководителката на секторот, Лидија Ланг Спасовска вели, дека ако сопствениците не се јават, тие ќе поведат постапка за нејзино уривање.

  „ Постапката е многу сложена и согласно процедурата мора да се изготви елаборат за отстранување на постоечкиот објект.  Граѓаните се известуваат на огласна табла и во јавните гласила дека постои таков објект за отстранување, а мора да се извади и одобрение за отстранување. Дали сопствениците живеат во Куманово или се некои наследници не знам, но апелирам доколку го имаат примено известувањето веднаш да се јават во секторот„, - вели Ланг -Спасовска.

Во градот постојат уште неколку хорор куќи, кои треба што поскоро да се урнат, бидејќи ја загрозуваат безбедноста на граѓаните.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk