Хуманитарен концерт на „Гимназиски бенд“ во Занаетчискиот дом

14.05.2019 08:16 | KumanovoNews

Ученици од гимназијата „Гоце Делчев“, вечерва ќе оддржат хуманитерен концерт во салата на Занаетчискиот дом Куманово, под мотото „Од гимназијалците за гимназијалците“.

Хуманитарен концерт на „Гимназиски бенд“ во Занаетчискиот дом

На концертот ќе настапи „Гимназиски бенд“, со перформанс кој го изведуваше за денот на училиштето.

 „Со овој концерт сакаме да дадеме свој придонес во прославата 500-години Куманово, а истовремено да помогнеме на нашите ученици кои доаѓаат од социјално ранливите семејства. Нема да се продаваат билет, туку сите посетители својот доброволен прилог ќе го остават во хуманитарни кутии на влезот во салата. Затоа ги повикувам нашите сограѓани да дојдат во што поголем број и да покажат хуманост на дело“, - вели професорот по музичка уметност, Александар Митрички, ментор и организатор на концертот.

На репертоарот ќе се најдат преработки на македонски забавни хитови, но и мелодии кои се малку подзаборавени од публиката. Програмата трае околу еден час. Перформансот за првпат беше изведен на патронатот на гимназијата „Гоце Делчев“. Во училишниот проект вклучени се над 15 ученици од прва до четврта година, кои 6 месеци напорно работеа за да ја постигнат зацртаната цел.

„Се потрудивме како „Гимназиски бенд“ да дадеме пример што треба да слушаат младите, а тоа се хитовите на Тоше Проевски, Влатко Стефановски, Леб и сол, Ана Костовска, Бени Шакири, Олгица Христовска и други. Вложивме многу труд, енергија и ентузијазам да за дојдеме до конечниот резултат. Направивме одличен концерт и перформанс, иако ние не сме музичко ниту уметничко училиште. Според нашите можности и инструменти со кои располагаме, работевме посветено и со многу љубов, и резултатите се неминовни. Пресреќни сме што публиката го препозна нашиот квалитет и горд сум на моите ученици“, - додава Митрички.

 Професорот најавува дека од оваа година, училиштето ќе воведе практика оркестарот на гимназијата „Гимназиски бенд“, да организира што повеќе концерти во училиштето и градот, а ќе учествува и на манифестациии во државата и надвор од неа.

Хуманитарниот концерт „Од гимназијалците за гимназијалците“ е закажан за во 20 часот, а поддржан е од Фондацијата за култура и спорт при Општина Куманово.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk