Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кандидатот за градоначалник на СДСМ, Оливер Илиевски денеска на прес конференција во индустриската зона Речица, најави дека во наредните години ќе се спроведе итна и целосна гасификација на сите домаќинства и индустриски капацитети во Куманово, како и помош од локалната самоуправа во изградбата на критичната инфраструктура за сите индустриски зони.
„Владата предводена од СДСМ само за развој на оваа индустриска зона Новини која е од големо значење за Куманово, но и за целата држава, инвестираше 20 милиони
денари во изградба на пристапни патишта, водоводна, фекална и атмосферска канализација. Ние тој успех ќе го продолжиме и надоградиме преку Секторот за
Локален економски развој, кој ќе биде ставен на располагање на Бизнис секторот во Куманово, за секоја нивна потреба и приоритет. Мора да ги направиме кумановските бизниси поконкурентни на домашните и меѓународните пазари“, кажа Илиевски.
Тој најави формирање на тимови за истражување на меѓународните и домашните пазари, за да домашните компании се насочат во кој сектор да инвестираат.
„Се обврзувам, како градоначалник на Куманово, покрај гасификација на сите индустриски зони, да спроведам итна и целосна гасификација на сите домаќинства во
Куманово. Ние имаме план и стратегија, како и алтернативни извори на финансирање со кои ќе го спроведеме овој евтин енергенс, граѓаните ќе плаќаат многу помали цени за греење, а компаниите ќе станат порентабилни и поконкурентни. Во Општина Куманово досега се реализирани само 2.000 метра гасификација, наместо 250.000 метра. Ако се продолжи со ова темпо, општината ќе биде гасифицирана за 90 години. Тоа е недозволиво. Ова е дел од нашата стратегија на задржување и враќање на младите тука дома, во родниот град. Со развој на индустриската зона, со развој на технолошко индустриски развоен центар ќе отвориме нови работни места. Младите да ги насочиме да работат во приватниот сектор“, заврши Илиевски.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk