Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Противпожарната единица, Полицијата, Советот на општината и Црвен Крст денеска го одбележаа 8-ми септември - Денот на независноста.
Под мотото “Заедно за граѓаните“, пред присутните граѓани, советници, ученици од основни училишта и деца од градинка, првите луѓе на овие институции ја презентираа својата работа и опремата со која располагаат, а беше исценирана и сообраќајна несреќа. Претседателот на Советот на општина Куманово, Максим Димитриевски рече дека градот поминал низ тешки искушенија и посака настаните од 9 и 10 мај да не се повторат.
“Ги збивме нашите редови, извлековме заклучоци, едноставно ќе кажеме не на оружјето и заедно ќе го градиме Куманово и општеството кое што сите ние го посакуваме. Сакам да се заблагодарам на сите политички партии кои работат во Советот, а ги има 13, сите етнички заедници кои што живеат на територија на нашата општина, Куманово е на сите, а ние сите сме граѓани на општина Куманово“-кажа Димитриевски.
Деан Илиевски, командир на ТППЕ Куманово зборуваше за почетоците на пожарната во Куманово која датира од 1932 година како доброволно противпожарно друштво.
“Во период од 1948 до 1953 година, прераснува во професионална противпожарна единица и оттогаш работи до ден денес. Од 2001 година ТППЕ Куманово е во состав на општина Куманово, во состав на локална самоуправа и покрај тоа што работиме на заштита од пожари, ТППЕ Куманово работи и во услови на елементарни непогоди“-вели Илиевски.
Црвениот Крст Куманово секогаш е таму каде е потребно, а постои од 1946 година. Голем развој организацијата има во последните десетина години.
“Оспособивме голем број на активисти наши, бидејќи нашата организација работи со активисти волонтери кои во секој момент се подготвени за давање на помош, проценка на ситуации, правење на проекти“-изјави секретарот Иле Митковски.
Виолета Богдановска од отсекот за превенција при СВР Куманово, објасни дека на полицијата и е неопходна соработка со граѓаните.
“Службите кои ќе ги запознаете се дел од оваа заедница, дел од овој град и се во служба на граѓаните. Граѓаните имаат потреба од вакво нешто и треба секогаш да имаат храброст, да се обратат, да побараат помош за било што, па дури и ако тоа не е во надлежност на наши служби, а сепак да бидат упатени каде да добијат помош“-вели Богдановска.
Богдановска додаде дека полицијата работи на намалување на сообраќајните прекршоци, нарушувања на јавен ред и мир, подобрување на безбедноста и слично.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk