Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Повеќе институции во текот на 2015 година, здружено ќе делуваат за спречување на незаконска сеча на дрва.
За таа цел денеска во просториите на „Шумско стопанство“, се одржа состанок на кој присуствуваа претставници на СВР Куманово, Територијалната противпожарна единица Куманово, РЦУК, општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане и други. Надлежните велат дека лани е намалена незаконската сеча на дрва и се надеваат дека и годинава ќе имаат позитивни резултати.
Треба да бидеме подготвени за она што не очекува од пролет до есен оваа година. Да го чуваме богатството на Македонија, на граѓаните. Лани бевме успешни, имавме бенефити и незаконското сечење е спречено во 80 отсто од случаите. Од тоа се гледа успехот во работењето на Подружницата Куманово и во работењето на „Македонски шуми“. Имаме запленето над 100 возила, камиони кои беа затекнати на бесправна сеча - рече Ваит Саити, директор на „Шумско стопанство“.
Согласно измените на Законот за шуми од октомври лани, “Македонски шуми“ треба да организира и служба за чување на шумите.
Тоа ќе биде реонско чување, а полицијата го задржува патролното чување. Ваквата заштита на шумите не може да биде успешна доколку не учествуваме сите. Тоа значи не само шумска полиција и „Македонски шуми“, туку и цела полиција, пограничната полиција, инспекторатот, противпожарните друштва. Од летото 2014 година досега се видливи постигнатите резултати преку поднесени пријави против сторители на нелегални активности и запленета дрвна маса, возила со кои се вршел транспорт - изјави Горан Стојковски, помошник директор за заштита во „Македонски шуми“.
За крадците на шуми ќе следуваат строги казни и одземање на возила. Присутните на состанокот се обврзаа превентивно да делуваат во намалување на шумските пожари. Деан Илиевски командир на ТППЕ Куманово, објаснува дека лани имало за 25 отсто помалку шумски пожари во однос на претходните години.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk