Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Намалениот број на запишани ученици во прво одделение во основните училишта во општина Куманово предизвика бурна расправа и ги скара советниците на власт и опозицијата на денешната седница на Советот.
Иако и двете страни се согласија дека причина за ваквата состојба е иселувањето на младите од градот и државата, различни беа гледиштата кој е виновен за тоа. Додека советниците од локалната власт за малиот број на првооделенчиња ги обвинија политиките на централната власт и тешката економска состојба во државата, советниците на ВМРО-ДПМНЕ сметаа дека тоа е глобален тренд кој неможе никој да го контролира или запре.
„Од 2005/06 до 2016/17 година бројката на запишани првооделенци е намалена за 15 проценти што претставува голема бројка. Оваа година имаме запишано само 1230 првачиња. Причината е што поседните 10 години додека на власт е ВМРО-ДПМНЕ имаме големо иселување на младите и како одат работите државата со најсилна економија во светот ќе остане празна, - рече советничката Валентина Мициќ, од СДСМ.
„Јас работам во образованието и сведок сум како се одвиваат настаните. Ако некогаш во прво одделение имаше по 35 деца сега нема ни 30. Проблемот е што ни се исели генерацијата на млади луѓе чиишто деца сега треба да тргнат на училиште. Мене оваа година по почетокот на учебната година ми се отпишаа 5 деца, затоа што со родителите отидоа во Германија, - појасни советничката Драгица Велковска од СДСМ.
Советникот Бране Бојковски истакна дека во училиштето „Магдалена Антова“ и „Бајрам Шабани„ недостасуваат по цели паралеки на ученици, па затоа треба да се направи стратегија на локалната и централната власт да престане овој негативен тренд.
На ова реплицираа советниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои ги обвинија колегите дека водат негативна кампања кон Владата, која со разни проекти го потикнува наталитетот во семејствата. При тоа прашаа ако состојбата е толку алармантна во училиштата како тогаш во последните десетини години бројката на вработени во образованието е зголемена за 30 отсто.
Советниците од власта се правдаа дека тоа е поради експериманталните проекти во образованието и воведување на нови предмети, кои го оптоваруваат образовниот процес. Како негативен пример беше посочена Кембриџ програмата во која имало многу нелогични објаснувања за одредени појави.
На седницата беа изгласани предлозите за формирање на паралеки со под 24 ученици во основните училишта и со под 25 ученици во средните училишта за учебната 1016/2017 година во општина Куманово.
Ако нема деца ќе направиме деца
Советникот на ВМРО-ДПМНЕ, Мирослав Стојановски, денеска рече дека советниците на СДСМ се однесуваат како комунистите некогаш, па кога оделе по селата и луѓето им се жалеле дека немаат училишта тие им ветувале дека ќе им направат училишта. Тогаш жителите се пожалите дека во селата нема деца за да одат во училиштата, пришто тие им рекле дека ќе им направат и деца. По оваа шега, претседателот Максим Димитриевски го опомена Стојановски и останатите советници, да го задржат нивото на расправата и да не кажуваат вицеви на седницата, додека се расправа за сериозни теми.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk