Ивана Гиновска нова в.д директорка на Државниот инспекторат за животна средина

17.09.2024 15:22 | KumanovoNews

Со одлука на Влада, Ивана Гиновска од Куманово е именувана за в.д директор на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС).

Ивана Гиновска нова в.д директорка на Државниот инспекторат за животна средина

Гиновска е магистер по економски науки, родена е во Скопје 1989 година, а на функцијата доаѓа како партиско решение од ЗНАМ.

Досега работела како банкарски службеник, потоа во Домот за стари лица „Зафир Сајто“ и во ЈП „Куманово паркинг“ во Куманово. Член е и на Управниот одбор на јавно претпријатие за управување со отпад „Еко Исток – Североисток“, кое беше неодамна формирано. На последните парламентарни избори беше кандидат за пратеник во изборна единица 2 на листата на ЗНАМ.

Новата директорка вчера стапила на должноста, откако било извршено примопредавање на функцијата. 

„Беа одржани состаноци на новата в.д директорка со дел од раководната инспекциска структура и дел од административната структура на Инспекторатот во насока на непречено работење на институцијата во периодот што следи во однос на координацијата со административните, финансовите и инспекциските активности“, објави ДИЖС.

Таа доаѓа на местото на досегашен директор м-р Сретен Стојковски, кој беше на функцијата од август 2021 година. 

Гиновска е 12 директор редоследно од постоењето на Инспекторатот од декември 1996 година. 

(фото: ДИЖС)

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk