Изгаснат е пожарот во Основниот суд во Куманово, се чекаат увидни екипи од МВР и Обвинителството

12.07.2023 11:26 | Оливера Пешевска

Целосно е изгаснат пожарот во подрумските простории на Основниот суд Куманово. Екипата на противпожарната единица која синоќа го изгаснала пожарот останала цела ноќ за да не дојде до повторно разгорување. На терен се и полициски екипи кои го обезбедуваат теренот.

Изгаснат е пожарот во Основниот суд во Куманово, се чекаат увидни екипи од МВР и Обвинителството

„Веќе дел од архивските материјали се изнесени. На прв поглед, нема причинето поголема штета на архивскиот материјал, но додека убаво не се види и разгледа ништо не можеме да тврдиме. Од утринава ги чекаме увидните екипи на МВР и Обвинителството, и по завршување на работата на крим-техничарите ќе знаеме повеќе за случајот“, кажа претседателката на судот, Снежана Манева.

Од Противпожарната единица Куманово велат дека гаснењето на пожарот траело 20 часа, и тврдат дека сега целосно е изгаснат. Утринава во 5.30 часот повторно било повикана нивната екипа, но се работело за мала интервенција.

„Пожарот е 99 отсто изгаснат, тој еден мал процент го оставаме за секој случај. Сепак будно ја следиме ситуацијата, целосно сме подготвени и повторно да реагирале ако има потреба“, изјави Борис Стансковски, заменик-командир на ТППЕ Куманово.

Тој додадава дека гаснењето одело тешко поради голема количина на лесно запалива материја, картон и хартија од документи стари и преку 70 години.  И високата температура на ѕидовите и надворешната температура не им оделе во прилог на гаснењето.

 „Но, веќе се е под контрола и не очекуваме изненадувања“, дополнува комадирот Станковски.

 Пожарот во судската зграда е регистриран вчера во 1. 20 часот по полноќ. Причината најверојатно е старата електрична инсталација, но истрагата ќе покаже што точно се случило.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk