Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Развојните програми од општинскиот буџет за 2014 година се кратат за околу 300 милиони денари.
Советниците од Коалицијата “За подобра Македонија“ на денешната седница на Советот на општина Куманово остро го критикуваа ребалансот на буџетот, бидејќи сметаат дека тоа ќе значи стагнација на градот, поради тоа што за дел од програмите целосно или делумно се намалуваат предвидените средства.
“Во програмата се напишани работи кои за 20 години не може да се направат. Изградба на улици, изградба на тротоари, водоводна мрежа, реконструкција на атмосферска канализација реализација нула. Во Куманово бидејќи општината нема пари од цела програма ништо нема да се исполни“ - вели Христина Краиновиќ, советник од ВМРО - ДПМНЕ.
Драги Караџински, советник од ГРОМ забележа дека општината сепак нема да штеди за мебел, возила и привремени вработувања.
„Јас не гледам дека е направен ребаланс во набавка на мебел и возила во општина Куманово. Намалување за возила од 1 милион денари не значи ништо. За привремени вработувања имаме зголемување“ - кажа Караџински.
Градоначалникот Зоран Дамјановски објасни дека финансиската состојба на општината зависи од приходите од даноци што е поврзано со економската состојба на граѓаните, а дополнително општината е оптоварена со долгови по основ на судски тужби.
“Ставката за мебел е за уредување на просторот во салата за состаноци во општинската зграда. Возилата ги земаме на лизинг како сите јавни установи. Таму и да сакаме не можеме да правиме намалување, бидејќи имаме рати за оперативен лизинг. Не се набавени нови возила, иако имаме потреба. За времени вработувања имаме зголемување, поради одреден број на лица кои ги ангажираме во пожарна“ - објасни градоначалникот.
Советниците го изгласаа ребалансот и апелираа во иднина да се прават реални програми согласно финансиските можности на општината.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk