Изложба и промоција на книгата „Наивата во Македонија“ од Гоце Божурски во Куманово

27.12.2021 15:29 | Жаклина Цветковска

Во Уметничката галерија во Куманово, во среда во 19 часот, за првпат во нашата земја ќе се отвори изложба на македонската наива и ќе се промовира книга за феноменот на творештвото кое припаѓа на оваа област.

Изложба и промоција на книгата „Наивата во Македонија“ од Гоце Божурски во Куманово

Со обемен текст на шеесеттина страни и околу сто колор репродукции, се дава објаснување за појавата и развојот во светски рамки, како и состојбата спецификите кај нас. 

„На овој начин, не само што конечно и во наши услови, наивата добива институционална верификација, таа се легитимира не само како естетска, туку и како национална културна и уметничка вредност“, велат од НУ Музеј Куманово.

Меѓу овие (самоуки) автори, кои во отсуство на формално ликовно образование се потпираат исклучиво на сопствените внатрешни импулси и креативни потенцијали, освен светски познатиот и меѓународно признат уметник Вангел Наумовски, застапени се и Ѓорѓе Шијаковиќ, Добри Трендафиловски-Добрин, Ристо Ристовски и Крсто Славковски (кои се припадници на основоположничката генерација), но и Боро Арсовски, Љубица Андреевска Љупка, Трајко Матевски Рисимкин, Стеван Поповски, Ангел Петровски, Љупчо Серафимов, Васко Ристовски и други сликари. Исто така меѓу нив се и скулпторите Живко Каровски, Стоимир Веселинов, Петар Давчев, Бранко Кајсторовски, Владо Стојанов, Живко Богатинов, Атанас Атанасов и Станимир Стојановски-Мичо. Куратор на проектот е Гоце Божурски.

Предвидено е на изложбата првин да се обрати академик Васко Ташковски, а ќе говори и ќе ја отвори министерката за култура Ирена Стефоска.

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk