Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Центарот за култура во Куманово утре /4 април/ во 19.30 часот ќе биде отворена изложбата на дела од кован бакар од авторот Мирослав Поповски – Вински. Посетителите ќе видат четириесетина дела работени во последните неколку години.
Мирослав Поповски – Вински (65) од Куманово, со техниката кован бакар се занимава повеќе од 30 години. Оваа изложба му е второ самостојно претставување пред кумановската публика.
„Во делата кои ќе бидат изложени посебно импресионира степенот на цртачката изведба, приказот на драпериите, комплексните композиции со ликови и орнаменти, симулација на волумен и слични детали прецизно изведени во оваа не баш лесна техника за работа. И ако поривот бара креативните енергии да се материјализираат во дела коишто остваруваат универзална комуникација, тогаш најновиот опус на авторот во целост ја реализира замислената мисија“, истакнува во најавата Роберт Цветковски, стручен соработник за визуелни уметности.
Поповски успеал да создаде еден свој препознатлив визуелен приказ којшто се базира на фигурација и орнаментика изведена во плиток бакарен релјеф, техника многу ретка на овие простори. Во содржинска смисла, тематски е врзан со христијанската иконографија во еден поширок временски дијапазон: тука се вклучени и библиските сцени, Христос, Богородица, светите лица од постар и понов датум – апостоли, свети војници, архиереи, свети лекари, монаси, пророци и други, во целосна согласност со канонските правила.
Изложбата во Куманово ќе биде поставена до 17.април 2024.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk