Изложба на икебани од Димитар Насковски Митко

07.03.2011 09:30 | KumanovoNews

 Во Изложбениот салон на Центар за култура "Трајко Прокопиев" - Куманово, вечерва во 19 часот ќе биде отворена изложба на икебани од Димитар Насковски  Митко. Оваа изложба е осма по ред во циклусот "Македонски корени".

Изложба на икебани од Димитар Насковски Митко

Димитар Насковски Митко со години се обидува нашето внимание да го сврти кон природата и македонскиот фолклор, симболично нарекувајќи го својот проект "Македонски корени". Се работи за идеја која обединува повеќе елементи: исушени растенија и цвеќиња,  дополнително колорирани со текстилни бои, орнаментирани вазни и чаши, сликарски рамки кои се користат како позадина која треба да го потенцира цветниот аранжман, елементи од текстил - симболика на македонските национални симболи, народни носии, корени од дрво и др., кои пак сите заедно компонирани во визуелно допадлив експонат треба да отворат едноставна и лесна комуникација со конзументот.  Настојувањата на авторот преку ваков тип на изложба да заинтересира поширок круг на луѓе за природата и македонската традиција е за секоја почит додека за успешноста на овој континуиран повеќегодишен проект говори и се поголемиот интерес на јавноста.

      Изложбата ќе биде поставена до 17 март.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk