Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
По повод Светскиот ден на Ромите, денеска во Уметничката галерија беше отворена изложбата “Ромска носија низ децении“, организирана од Музеј Куманово и НРЦ, под покровителство на градоначалникот и Советот на Општина Куманово.
Изложени се петнаесетина ромски носии со накит, колани и други додатни елементи. Ромската носија во 60 - тите години на минатиот век се изработувала претежно од памук, а потоа почнала да се употребува и синтетитика.
Пред присутните се обрати директорката на Музеј Куманово, Анита Цветановска.
Денешнава изложба е плод на долгогодишната соработка со Националниот ромски центар, особено со директорот Ашмет Елезовски, со етнолошкото одделение од националната установа Музеј Куманово. Се надевам дека традиционално ќе го одбележуваме овој убав ден - изјави Цветановска.
На 8 април 1971 година во Лондон е оддржан Светскиот конгрес на Ромите кога се донесени 8 резолуции од кои позначајни се одлуката за знамето, химната и името.
Амшет Елезовски од НРЦ смета ромскиот народ треба да се гордее со својата традиција.
Ромите имаат нешто повеќе од многу нации бидејќи потекнуваат од најстарата плодна почва, а тоа е Индија. Позната по многу култури, јазици, и мислам дека со тоа треба да се гордееме, а се надевам дека и Куманово треба да се гордее и да помогне се што досега беше стереотипно да не стои во главата. Куманово е град на сите граѓани без разлика на нивната национална или верска припадност - вели Елезовски.
Градоначалникот Зоран Дамјановски потсети дека локалната самоуправа Куманово секогаш давала подршка на одбележувањето на Светскиот ден на Ромите.
Тука сме заради изложбата на народни носии на ромската заедница. Тоа е еден мултимедијален пристап, ќе имаме видео презентации, делови од носии. Културното наследство е главно прашање за секоја малцинска група и мислам дека вие имате полно право да го барате вашиот идентитет преку културата - кажа градоначалникот.
Тој смета дека и покрај Декадата на Ромите целосна интеграција на оваа заедница во општеството не е направена и треба уште многу напори од политичарите.
На изложбата имаше голем број посетители, советници и кандидати на пратенички листи.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk