Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На спортските терени на Градскиот кеј во Куманово денеска се одржа Државна изложба на расни кучиња во организација на Кинолошкото друштво „Кинолог“ од Куманово.
На изложбата се пријавиле 196 миленичиња, но 33 не се појавија на терените. Организаторите сметаат дека поради лошите временски услови дел од учесниците се откажале од учество.
„Иако е ова државна изложба сепак има и регионален карактер. Најголемиот број од пријавени кучиња се наши, од Куманово, но имаме пријавено учесници по каталог од целата држава и пошироко. Имаме и од Бугарија, Србија, Грција, Романија, па дури и од Италија“, појасни Марко Митровски, претседател на „Кинолог“ од Куманово.
Манифестацијата продолжува и утре со специјализирана клубска изложба за кавкаски овчар. На неа, пак, има пријавено 180 учесници и се надеваат дека сите ќе се појават. Утрешниот настан го организира Македонски кинолошки клуб за кавкаски овчар и се одржува за прв пат во државата специјално за ова раса на миленичиња, се заради нивна промоција.
„Ова е нова раса на кучиња не многу позната за овие простори. Иако се многу големи, дури и застрашувачки, тие се добри, мирни, верни чувари, привржани и заштитички настроени кон сопствениците и нивните семејства. Вистински овчари. Многу се интелегентни и лесни за тренирање“, објаснуваат од друштвото за кавкаски овчар.
По календарот на изложби на Кинолошкиот сојуз на Македонија изложбата во Куманово се одржува секој септември. Поддршка даде Општина Куманово, Советот на Општина Куманово , Кинолошкиот сојуз на Македонија, спонозори и најголем дел трошоците се покриваат од уплатената котизација за учество на изложбата.
О. Пешевска
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk