Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово утре /четврток/, во 20 часот ќе биде отворена изложбата на слики „Гласна тишина“ на на младата кумановка Мартина Спасовска.
„Гласна тишина“ е прва самостојна изложба на Спасовска пред кумановската публика.
Изложбата се состои од 13 слики портрети - масло на платно, работени повеќе од една година кои претходно беа изложувани и во Младинскиот културен центар во Скопје.
„Мартина Спасовска во нејзините дела почетно го претставува сопствениот лик, а вклучува и други женски ликови видени од нејзина перспектива), не како модел(и) туку како катализатор(и) на проследување на енергијата што ја чувствува и нејзино преобликување во ликовен продукт. Таа во делата што ги создава ги надминува границите на едноставен портрет, сликата оди подлабоко од претставената индивидуа, служејќи како потресна претстава на човековото искуство и соочување со актуелните прашања на нашето време. Преку портретните наративи навлегува длабоко во темите на ранливоста, силата и потенцијалите за трансформација кои битисуваат во сите нас. Поканува на отворен дијалог и интроспекција и ги соочува гледачите со колективните рани и болки што постојат во нас и во нашиот заеднички свет. Притоа, поттикнува подлабоко разбирање на сложеноста на нашето постоење и потенцијалот за посочувствителна и похармонична иднина”, стои во дел од извадоците на рецензијата на изложбата на Горанчо Ѓорѓиевски, историчар на уметност.
Мартина Спасовска (27) е од Куманово, дипломирала на Факултетот за ликовни уметности - насока сликарство. Има изложувано во Македонија, Англија, Њујорк, Австрија, Грција, Косово и Турција.
Изложбата ќе биде поставена до 10. мај 2024 година.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk