Изложба на слики на Никола Васиљевски во Занаетчискиот дом во Куманово

12.06.2024 13:27 | Оливера Пешевска

 „Почеток на сонот“ е прва изложба на слики Никола Васиљевски од Куманово, која утре во 19 часот ќе биде отворена во Занаетчиски дом во Куманово.

Изложба на слики на Никола Васиљевски во Занаетчискиот дом во Куманово

На изложбата ќе бидат претставени 25 слики и принтови од негови дела  и една скулптура- минијатура на мозаично украсена бетонска црква.

Младиот Васиљевски се опробува во повеќе правци од уметноста, покрај ликовната се занимава и со музика, но сака да го изложи она што до сега го сработил пред пошироката публика.

„Од малечок цртам и сликам, во последно време најчесто со акрилни бои. Освоив и второ место на конкурсот „Мојот имагинарен свет“ на Центарот за култура. На овој начин сакам да оддадам признание и почит на мојата почината баба од која сум го наследил талентот, и професорот од основно училиште Далибор Јовановски, кој отсекогаш ме бодреше и охрабруваше“, објаснува Никола.

Дел од творештвото се наоѓа во странство каде Никола Васиљевски учествувал на различни натпревари, конкурси па затоа ќе бидат изложени принтови од неговите дела. Дел од уметноста се наоѓа и во домовите на негови блиски роднини и пријатели кои ќе ги позајмат за изложбата за да ја надополнат планираната колекција. 

Никола е ученик во гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk