Голема посетеност и интерес за изложбата на олтајмери во Куманово (галерија, видео)

11.10.2023 14:07 | Оливера Пешевска

 Над 60 олтајмери денеска беа изложени на градскиот плоштад во Куманово, што предивика голем интерес и воодушевување кај посетителите.  Ваква изложба за првпат се организура во градот, а покрај локални излагачи имаше и гости од Скопје, Велес, Кавадарци, Свети Николе, но и од Врање и Ниш.

 

Голема посетеност и интерес за изложбата на олтајмери во Куманово (галерија, видео)

„Надминати се моите очекувања и надежи, имаме повеќе од 60 возила. Имаме неколку излагачи од Србија, поточно од Врање и Ниш, а имаше многу повеќе заинтересирани, но кај нив не е празничен, неработен ден. Како за прв пат, супер е што има толкава заинтересираност и пред време можам да ја прогласам за успешна.Се надевам дека ќе стане традиционална“, изјави организаторот Стефан Тредафиловиќ.

Еден од најпопуларните изложени модели беше возилото Опел -капитан, произведен во 1941 година.

„Возилото е купено пред 15 години и е целосно реставрирано, китирано и бојадисано према оригиналот, сменета инсталација, делови од моторот, целосно нов ентериер со претапацирани седишта. Во возна состојба е, регистрирано и со зелен картон па настапувам и на изложби надвор од државата.Често го користам, но не е за секојдневна употреба. Секогаш кога го возам предизвикува многу внимание, другите возачи ми свират, ме поздравуваат, пешаците ми мавтаат и секогаш кога сум паркиран има луѓе кои сакаат да се фотографираат“, гордо објаснува неговиот сопственик Љупчо Трајковски од Скопје.

Кумановци чекаа со нетрпение да започне изложбата, за среќа и временските прилики им одеа на рака, поради што имаше голема посетеност.

„Малку сум изненаден, секако позитивно, сите сме нестрпливи да учествуваме, убава прилика сите да се видиме и дружиме, а гледам дека публиката е задоволна и манифестацијата предизвика голем интерес во градот“, истакнува 27-годишниот Стефан.

Собирот  се одвиваше во два дела. Првиот дел-од 10 до 13 часот на Градскиот плоштад, а потоа учесниците заминаа во Меморијалниот центар Пелинце на пикник-верзија на изложбата и неформално дружење на учесниците.

Настанот се организира во соработка со скопските клубови: Класик мини, Пежо клуб, Цитроен клуб, Буба клуб и Џентламенс клуб.

Организаторот Трендафиловиќ се надева и на друг вид помош и спонзорства, кои секогаш се добредојдени. Изрази надеж дека и во Куманово ќе се формира клуб на олд тајмери.

Фото: Глигор Максимовски

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk