Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Уште на самиот почеток од мојот одговор на реакцијата од портпаролот на СДСМ за Куманово, сакам да истакнам дека нема повеќе да им го одземам вниманието на читателите со прашањата и настанатите реперкусии од мојата колумна, што значи дека немам намера повеќе да се задржувам на споменатата тема и сите реакции по тоа прашање ќе останат некоментирани од моја страна.
Впрочем, не би го губел времето и со ова писмо, доколку реакцијата од портпаролот беше само за моите изнесени ставови. Но, тој всушност си направи своја колумна и скоро и да не ги чепна прашањата кои јас таму ги изложив, а се задржа на однапред смислени проблеми за чија тематика воопшто не пишував. Гледајќи уште од првите редови дека ќе имаме несогласувања дури и околу дефинирање на некои поими од историјата на уметноста, ја сфаќам потребата за упростување на напишаното, па затоа ќе се обидам на поедноставен начин да ги објаснам моите ставови и да му ја доближам колумната.
Основното нешто што сакав да го покажам е дека опозицискиот лидер е несериозен човек на кого не може да му се верува. Покрај сите примери кои таму ги наведов, ќе ви предочам уште неколку ментални екскурзии кои човекот си дозволи да ги направи. Една е неговата изјава по враќањето од посетата на Израел и наводното потврдување за содржината на „бомбите“ од израелска страна, и експресниот демант од неговите домаќини оттаму, со што засекогаш го зацрни не само својот образ, туку и образот на целата опозиција, па веројатно и на државата. Втората е суптилната местенка со која започна играта околу „фантомските гласачи“ и фамозната фабрика за лични карти, со кои требаше (и се уште активно се работи на тоа) да се оспори победата на ВМРО на последните избори. Знаеме сите како заврши – плански фабрикуваната афера беше создадена од членови на СДСМ, со еден куп докази за соработка на главниот осомничен со лидерот на СДСМ. Добивам впечаток дека „странските служби“, „пријателите од надвор“, „чадорот“ или „виткачот на кичмата“ (наречето го како сакате) во пет до дванаесет му ги предава инструкциите на опозицискиот лидер и човекот нема време ефективно да ги осознае и завладее, па оттука настануваат и овие кардинални грешки. За чувството за државност и да не зборуваме, мислам дека веќе е толку очаен и е спремен да даде сé, само за да ја добие власта. Се плашам дека тоа „сé“ можеби е и сувереноста на Македонија.
Како и да е, главниот проблем на кој што требаше да се задржи колумната е примерот на практикување на власта од страна на СДСМ, онаму каде што ја има, каков што е и примерот со Куманово. Ми велите да не ви ја пеам истата песна за тоа дека општината не аплицира со проекти од Владата, затоа што не верувате ни дека Велес и Штип го прават тоа. Па, јас не знам дали тие аплицираат, но знам дека вие НЕ аплицирате! Каков прилив на средства сакате ако тие средства не знаете да ги побарате! Освен неколкуте позитивни примери од апликации (кои Владата ви ги одобри без да ја гледа партиската припадност, како што сакате да тврдите), имам сознанија дека и оние што имаат проекти се плашат да бараат средства за нив, од страв дека финансиите ќе се пренасочат во „крпење“ на дупките од „развојниот“ буџет на Општината, кој секоја година го гласате, а никогаш не сте го реализирале. Колку што се сеќавам, имаше и градење на спортски сали, не само за тениски игралишта во Куманово, но, од само за вас познати причини, маестрално се трудевте да го одложите нивното отворање, да спречите изградби на пристапни патеки до нив и сл. Исто како што и сега, само вие си знаете зошто се противите на отварање на нов државен универзитет. Ајде и да го споредиме процентот на искористеност на оние проекти кои не зависат од државни пари, односно се спонзорирани од Европската Унија. На пример, да ги споредиме бројките со процентуалната искористеност на ИПА фондовите помеѓу Куманово и Крива Паланка. Тогаш ќе сфатите во каков град живеете, и тогаш ќе ја сфатите ефикасноста на Општината. Единствените директни инвестиции кои градот ги почуствувал од вас се вашите сметки по градските кафеани, фактурирани како „репрезентации“. А и тие угостители немаше многу да се офајдат, доколку не успеавте да ја банкротирате истурената „општинската канцеларија“ во ресторанот во Пелинце, каде што секогаш на менито беше најслаткиот кумановски специјалитет – „муфте јадење“.
Она што е интересно е дека вам и не ви требаат државни пари за да го имате досега спроведено она што вашиот лидер ветува дека ќе следи ако дојде на власт. На пример „за еднакви шанси за младите“, не ви треба ниту денар, ви треба само фер конкурс за работа. Но, дали вие знаете едно вработување во администрацијата диригирана од вашата партија, кое не го исполнува критериумот на тн. „наше дете“ – да не е член на СДСМ, неговите родители да не се членови на СДСМ, да не е повратник од Авганистан кој си го купил работното место, да не е роднина или близок пријател на некој од врвот (или врхушката, како што милувате) на партиската организација? Објаснете им го тоа на оние млади кои сте ги запознале со „бугарски пасоши“, и потрудете се на учениците со кои работите да им обезбедите еднакви шанси за работа во градот, за да не ја напуштаат државата. Пак ќе ве насочам кон повратниците – печалбари, градот има (односно треба да има) механизми за различни видови субвенционирање, со кои досега можевте да го олесните започнувањето на многу бизниси. Велите дека сте на немилост од државата како опозициски град, но еве, имам пријатели од другиот (само толку беа, нели?) опозициски град – Струмица. Нема да ви треба многу шетање низ градот за да видите колку подобро се живее таму – значи пак е до менаџирањето со ресурсите, а не до наоѓањето на изговори. Ме прашувате за искрен одговор за тоа дали ми е доволна платата за живот – се разбира дека секогаш може да биде подобро. Многу полесно ќе беше за граѓаните да не мораат да ја плаќаат електричната енергија со астрономска цена спакувана во фолија од бонбона како подарок од Шеќеринска. Полесно ќе беше и за станарите во зградите околу „Сума“, кога не би морале да плаќаат за паркингот кој Општината им го узурпира, а кој отсекогаш си го користеа. Или барем да ги направевте катните гаражи кои ги ветивте. Полесно ќе ни е и ако не ја плаќаме најскапата вода во Македонија. А замислете колку филантропски можевте да делувате кога би имале финансиска помош од општината за новородено дете, за социјалните случаи, субвенции за занаетите што изумираат, стипендии за студирање во странство на надарени ученици...
За на крај, никогаш и не помислив да го критикувам ниту претседателот на советот, ниту било кој слободоумен член на вашата партија. Напротив, таквите секогаш ги фалам. Но, би сакал и навреме да ги предупредам, спротивно на она што вие сакате да го истакнете, да бидат претпазливи, затоа што демократичноста си замина од вашата партија. Еден ги влече конците за целиот град, и еден е тој кој одлучува во градот. Сум зборувал со многу пријатели, верни членови на СДСМ, кои се разочарани од делењето на партискиот колач. Велат, премногу било задскриено, во семејна атмосфера. Не секој можел да касне, особено не оние кои се чувствуваат заслужни. Точно, сега сте меѓу луѓето, но дали сте таму кога не е предизборен период? Дали навистина мислите дека обичниот човек не ја забележа градежната офанзива токму пред изборите? Дека не ја знаат причината зошто ставате нов тротоар во центарот на градот каде што си имаше тротоар, а не асфалтирате по темните градски сокаци, каде што многу помал број на луѓе би ја виделе инвестицијата? И да, зборувате за немање одговорност...Мислам дека граѓаните веќе кажаа кој е одговорен за состојбата во која западна Куманово, но дали вие имавте доблест тоа да го уважите?
Дејан Ѓорѓиевски
ОК ВМРО – ДПМНЕ
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk